Барние: Преговорите меѓу ЕУ и Лондон во слепа улица

Дејвид Дејвис (л) и Мишел Барние

Главниот европски преговарач за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, Мишел Барние, изјави во четвртокот дека на челниците на ЕУ кои ќе се соберат следната седмица нема да може да им предложи отворање на преговорите за идните односи со Обединетото Кралство, но истакна дека со политичка волја може да се постигне решавачки напредок во следните два месеца.

„Работевме конструктивно, разјаснивме некои прашања, но не направивме големи чекори нанапред. Врз основа на тоа не можам да му предложам на Европскиот совет следната седмица отворање на преговорите за идните односи. Сепак, уверен сум дека со политичката волја решавачкиот напредок е на дофат во следните два месеца“, изјави европскиот преговарач Мишел Барние по завршувањето на петтиот круг од преговорите за Брегзитот.

Британскиот преговарач Дејвид Дејвис изјави дека Европскиот совет веќе на следниот самит би требало на Барние да му даде мандат за преговорите за преодниот период, во кој би се уредиле односите меѓу двете страни до постигнување на договорот.

„Би сакале челниците на ЕУ на Европскиот совет следната седмица да му дадат мандат на Барние за преговорите за преодниот период“, рече Дејвис.

Барние, пак, изрази загриженост поради ситуацијата околу преговорите во поглед на финансиското спогодување со Велика Британија. „Во врска со тоа прашање мислам дека сме во ќорсокак, што е крајно загрижувачки“, рече европскиот преговарач.

Го поздрави тоа што премиерката Тереза Меј во својот говор во Фиренца изјави дека Британија ќе ги почитува своите обврски, но Барние додаде и дека британската страна оваа седмица во текот на петтиот круг од преговорите покажа дека уште не е подготвена да ја конкретизира таа изјава, односно да се зборува за сумите коишто Лондон би требало да ги плати во буџетот на ЕУ.

Дејвис, пак, на ова возврати дека се’ уште не е дојдено времето за тоа, и дека тоа на дневен ред ќе се најде подоцна.

Европската унија и натаму инсистира дека не можат да се отворат преговорите за идните односи деке не се постигне доволен напредок за главните прашања за разделувањето: првата на државјаните на ЕУ во Велика Британија и на британските државјани во ЕУ, решавање на прашањето на граничниот режим на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, како и финансирањето на спогодбата, односно обврските коишто Британија ги преземала како членка на ЕУ.