Баросо побара Русија да не ја казнува Молдавија

Претседателот на Европската Комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо, ја повика Русија да не воведува санкции за Молдавија со која Европската Унија се подготвува да потпише договор за слободна трговија.

„Ја повикувам Русија да не воведува казнени мерки кон Молдавија поради потпишување и спроведување на договорот, туку да ја искористи можноста која и се отвора“, рече Баросо.

Претседателот на ЕК наси дека договорот, кој ЕУ и Молдавија треба да го потпишат во текот на следната недела е во склад со договорот за слободна трговија кој Молдавија веќе го има со Заедницата на независни држави, која ја опфаќа и Русија и поранешните советски републики.

„Стабилна, безбедна и просперитетна Молдавија е од корист не само за европските и молдавските, туку и за руските произведувачи и трговци“, додаде Баросо.

Баросо се осврна и на напредокот кој Молдавија го остварила последните неколку години и потсети дека нејзините жители од неодамна можат да патуваат во ЕУ без визи.

„Нема сомнеж дека Молдавија е европска земја, па затоа не може да има сомнеж дека ЕУ има посебни обврски кон неа“, заклучи на крајот Баросо.