Барса го доби „Класико“, Меси го постигна 500-от гол

(© EPA/Juan Carlos Hidalgo)

Во еден од најголемите дерби дуели во фудбалот, шпанското „Ел Класико“, водечкиот Реал Мадрид во неделата на својот „Сантјаго Бернебе“ беше поразен од најголемиот ривал Барселона со 2:3, а аргентинската ѕвезда Лионел Меси со двата гола стаса до бројката од 500 голови за својот тим во сите натпреварувања.

По болната елиминација од Јувентус во Лигата на шампионите, фудбалерите на Барселона допатуваа во Мадрид без суспендираниот бразилски ас Нејмар, меѓутоа решени со победа да ја компликуваат борбата за титулата во шпанскиот шампионат.

Така, сега се израмнија бодовно со Реал, на по 75 бодови, и се во предност поради споредбените резултати, како што се меѓусебните дуели и гол-разликата, иако мадридските „кралеви“ имаат натпревар помалку. Сепак, врз нив сега е поголем притисокот, затоа што од шест преостанати мечеви, два ги играат дома против непријатни противници.

Првата шанса на мечот ја имаше Реал, кога во 18 минута Иван Ракитиќ го проигра Карим Бензема, но шутот на францускиот напаѓач беше преслаб за голманот на Барселона. Тер Штеген во продолжението бранеше одлично, скротувајќи повеќе удари на домашните, но и истото и на спротивната страна подоцна го правеше Навас.

Реал поведе во 28 минута кога Марсело нафрли на втората статива до Серхи Рамос кој ја погоди стативата, а крај одбраната на Барселона која рекламираше недозволена положба, одбиената топка во мрежата ја спроведе Каземиро. Меѓутоа, веќе во 33 минута, на додавањето од Иван Ракитиќ, Лео Меси израмни на 1:1.

Модриќ во 36 минута одлично шутираше од над 20 метри, но Тер Штеген прекрасно одбрани. Последната шанса во првото полувреме ја имаше Меси, но неговата топка отиде крај стативата.

Во продолжението првата шанса повторно ја имаше Реал во 54 минута, но ударот со глава од Бензема од само пет метри, Тер Штеген успеа да го скроти. На спротивната страна две минути подоцна Ракитиќ додаде до Пако Алкасер пред кого се испречи голманот на Реал. Навас спаси водство на Каталонците и во 59 минута, откако од корнер одлично со глава шутираше Пике, а првиот ја одби топката во поле.

Во 67 минута Кристијано Роналдо не погоди од седум метри, а веќе во следната акција Барселона имаше шанса преку Луис Суарез но повторно одличен беше Навас.

Сепак, во 73 минута Барса доаѓа до посакуваното водство преку одличниот шут на Ракитиќ, кој со финта го исфрли Тони Крос и со прецизен удар од 18 метри го матираше голманот на Реал.

По само пет минути Реал уште еднаш беше шокиран, кога стоперот Рамос доби црвен картон по стартот со две нозе врз Меси кој беше во налет.

Во 80 минута Пике можеше да стави точка на мечот, но шутираше право во голманот Навас. Набрзо ова промашување го потврди непишаното фудбалско правило, откако Хамез Родригез, кој влезе во игра во 82 минута четири минути подоцна израмни за 2:2.

А кога се чинеше дека и вториот дуел меѓу големите противници ќе заврши без победник, во втората минута од судиското продолжува Меси од контранапад го постигна својот 500-ти гол за Барселона со којашто на својот клуб му ги задржа шансите за титулата. Во спротивно Реал ќе останеше со предност од три бода и меч помалку, што најверојатно ќе му беше доволно од врвот на дистанца да ја држи Барса.

Меси во Барселона доаѓа на 13-годишна возраст, како избор на нејзините скаути. Досега, на 29-годишна возраст, со каталонскиот клуб осум пати бил шампион на Шпанија, четири пати го освојувал Купот на кралот, четири пати е победник на Лигата на шампионите, а исто така Аргентинецот пет пати беше наградуван со Златната топка како најдобар фудбалер во светот за изминатата сезона.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.