Барса и’ најави војна на ФИФА

Не само што е шокиран од преострата казна од станата на Дисциплинската комисија при ФИФА, претседателот на каталонскиот гигант Барселона, Жозеп Мариа Бартомеу потврди дека веќе се подготвува жалба на донесената одлука и дека клубот е подготвен да се жали и на Арбитражниот суд за спорт.

Дисциплинската комисија при ФИФА пред два дена донесе одлука со која му се забранува на актуелниот шампион на Шпанија да ангажира нови фудбалери во следните 14 месеци, поради неправилностите кои се откриени за време на истрагата и кои јасно покажале дека има сериозен проблем при регистрацијата на фудбалерите под 18 години.

„Се чуВствуваме како жртви на една голема неправда, ова е преостра одлука. ‘Ла Месија’ не смее никој да ја допре. Благодарение на тој модел, Барселона е лидер во фудбалскиот свет во последните 10 години. Чави Хернандез, Андрес Ињеста, Лионел Меси се производ од таа школа. Ако треба, ќе одиме и на Арбитражниот суд за спорт. Веќе ја информиравме жалбената комисија дека ќе понесеме жалба во следните три дена. Барселона секогаш ги штити малолетните фудбалери, ги штити од тие кои не мислам за доброто на фудбалерот. Ги штитиме од тие кои сакаат да заработат што е можно повеќе од малолетните фудбалери”, изјави претседателот на Барса.