Барса и Реал (М) во мртва трка по Видал

Шпанските спортски медиуми се убедени дека Примера дивизион ќе биде следната дестинација на чилеанскиот интернационалец од редовите на  Јувентус, Артуро Видал.

Познатиот весник „Ел Мундо Депортиво”, кој важи за близок до каталонскиот гигант пред неколку дена ја пласираше информацијата дека челниците на Барселона се подготвени да одвојат околу 50 милиони евра за одличниот играч за врска, но и дека се подготвени во обратната насока да го испратат неговиот сонародник, Алексис Санчез.

Денеска пак, весниците „АС” и „Марка”, кои важат за блиски до таборот на Реал (М) потврдија и дека претседателот на „кралскиот клуб”, Флорентино Перез е подготвен да одвои точно 50 мил. евра за услугите на Артуро Видал.

Најголемите ривали од шпанската Примера дивизион сакаат најавениот трансфер да го реализираат пред стартот на престојниот Мундијал во Бразил, поради страв дека неговата цена може драстично да се зголеми доколку Видал прикаже одлични партии и на најважниот спортски настан во 2014 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.