Барса ќе игра со специјални дресови во чест на Чави

Фудбалскиот клуб Барселона на својата официјална интернет страница објави дека на мечот со Депортиво Ла Коруња фудбалерите ќе носат посебни дресови во чест на Чави.

Тоа е последниот меч за оваа сезона во шпанската Примера, а Чави Ернандес вчера објави дека по завршувањето на годинешното првенство го напушта каталонскиот тим.

Тој во иднина ќе настапува за катарски Ал Сад, а во Барселона помина цели 24 години.

Во негова чест на мечот со Депортиво, кој се игра во сабота, фудбалерите на Барселона ќе носат посебни дресови, а до клупското лого ќе пишува “Ти благодариме Чави, 23-ти мај 2015”.