Барса шампион со победа, Атлетико Мадрид со реми

Вниманието на фудбалската јавност денеска ќе биде насочено кон “Ноу Камп”, каде ќе биде одигран најважниот натпревар од последното првенствено коло во шпанската Примера дивизион, дуелот помеѓу директните ривали за шампионската титула, Барселона и Атлетико Мадрид.

Математиката е јасна како ден, избраниците на Херардо Тата Мартино имаат само една опција на располагање, победа по секоја цена, а доколку натпреварот заврши без победник или со победа на гостинот, тогаш шампионскиот пехар во следните 365 дена ќе ги краси клупските витрини на Атлетико Мадрид.

Според последните информации кои пристигнуваат од Шпанија, по пауза од 10 дена, предводникот на популарните “јорганџии”, Диего Симеоне, повторно на располагање ќе ги има услугите на најдобриот фудбалер, Диего Коста.

“Можам да потврдам дека има голем напредок околу здравствената состојба на Диего Коста. Одлично се опоравува од последната повреда, но одлуката дали ќе настапи од самиот почеток или ќе биде на клупата за резерви фудбалери ќе ја донесам пред почетокот на натпреварот. И со Коста и без Коста, Атлетико Мадрид има обврска да остане непоразен на “Ноу Камп”. Тоа чуство не ни е непознато, годинава немаме пораз од Барселона”, изјави Симеоне.

Одлични вести кога е во прашање здравствениот билтен доби и предводникот на каталонскиот гигант Херардо Тата Мартино кој по подолга пауза повторно може да смета на услугите на Жерард Пике, Жорди Алба и Неимар.
Дуелот кој значи шампионска титула ќе стартува во 18:00 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.