Барселона е противникот на Реал (М)

Најголемиот ривал, тимот на Барселона ќе му биде противник на Реал (М) во финалниот натпревар од годинашното издание на Купот на Шпанија.

Реванш полуфиналниот натпревар помеѓу Реал Сосиедад и Барселона заврши без победник, 1:1, а повторно во листата на стрелци се запиша најголемата ѕвезда во дресот на каталонскиот гигант, репрезентативецот на Аргентина, Лионел Меси.

„Го добив тоа што го посакав пред стартот на натпреварот. Сакав да имаме целосна доминација на средината, да имаме целосна контрола врз играта. Овој рецепт се има покажано како успешен и истиот ќе го примениме и во финалниот натпревар”, изјави тренерот на Барса, Херардо Тата Мартино.

Првиот полуфинален натпревар, одигран на “Ноу Камп”, заврши со триумф на Барселона од 2:0.

Валенсија и фудбалскиот храм „Местаља”, ќе бидат домаќини на финалниот натпревар кој најверојатно ќе се одигра на 18 април.