Барселона го врати Паулињо во Гуангжу

Кинескиот фудбалски првак Гуангжу Евергранде објави во неделата дека на едногодишно позајмување од Барселона го довел бразилскиот репрезентативен играч од средниот ред Паулињо, кој беше стандарден член на стартната постава на Светското првенство во Русија.

Паулињо всушност се враќа во Гуангжу по една година мината во редовите на шпанскиот првак Барселона. Во периодот од 2015 до 2017 година Паулињо одигра 84 натпревари и постигна 22 голови за Гуангжу Евергранде, а минатото лето Барселона го доведе за сума од 40 милиони евра.

Во 49-те натпревари одиграни во дресот на Барселона минатата сезона, Паулињо постигна девет голови и учествуваше во освојувањето на титулите во првенството и во националниот куп.