Барселона и Јувентус во финалето на Лигата на Шампиони

Завршниот дуел оваа сезона во фудбалската Лига на шампиони вечерва на „Олимпискиот стадион“  во Берлин  ќе го одиграат екипите на Барселона и на Јувентус.

Барселона досега има четири трофеи од елитното натпреварување наспроти двете титули на италијанскиот првак, а двата тима во финалето влегуваат со освоени домашни првенства.

Јувентус на овој дуел ќе настапи без Џорџо Кјелини кој се повреди на еден од тренинзите, а тренерот Масимилијано Алегри фаворитската улога ја препушта на Каталонците.

– Со кого и да играше, Барселона ќе беше фаворит. Но и ние си имаме свои планови. Ќе се обидеме да ја најдеме нивната слаба точка, верувам дека и тие се ранливи, истакна Алегри.

Шпанскиот претставник без некои поголеми проблеми околу составот го дочекува финалето. За тренерот Луис Енрике шансите за успех се 50:50.

– Шансите се еднакви. Јувентус е шампион на Италија, квалитетот го докажа со елиминацијата на Реал во полуфиналето. Очекувам тежок и неизвесен меч, но верувам дека мојот тим може да победи, нагласува Енрике.

Почетокот на дуелот на „Олимпискиот стадион“ во Берлин е вечер во 20 часот и 45 минути.