Барселона и Порто со идентична предност по првите мечеви против ПСЖ, односно Баерн Минхен

Екипата на Барселона е на чекор до пласман во полуфиналето во ЛШ, откако на гостински терен славеше против ПСЖ со 3:1.

Каталонците максимално ги искористија сите проблеми на францускиот тим со повредени и суспендирани играчи и обезбедија голема предност пред реваншот на домашен терен.

Барселона во текот на поголемиот дел од мечот иницијативата му ја препушти на ПСЖ, па со трпеливи и долги напади го бараа патот до мрежата на домаќинот.

Таквата игра им донесе резултат веќе во 18-тата минута кога по акцијата на Иниеста и Меси, Нејмар ја искористи одличната асистенција и погоди за 1:0.

Следуваше измена во одбраната на домаќините, која го промени текот на мечот. На местото на повредениот Тиаго Силва во игра влезе Давид Луиз, кој долго ќе го памети натпреварот и Луис Суарез.

Уругваецот кон средината на второто полувреме во два наврати го помина Бразилецот во дуелите еден на еден и во двата случаи акциите ги завршуваше перфектно, со погодок.

Луис Суарез ја затресе мрежата на ПСЖ во 67-та и 79-тата минута за убедливо водство од 3:0 на Барселона, а голот кој значи надеж за францускиот тим практично беше автогол на Жереми Матје во 82-та минута.

Без сомнение ПСЖ ќе се обиде на “Ноу Камп” да победи, особено ако се знае дека во тимот се враќа главниот играч Златан Ибрахимовиќ кој во Париз не играше поради суспензија по добиениот црвен картон против Челзи во осминафиналето.

Лига на шампиони, четвртфинале:

ПСЖ – Барселона 1:3

/Матје 82’ а.г – Нејмар 18’, Суарез 67’, 79’/

Порто – Баерн Минхен 3:1

/Кварезма 3’, 10’, Мартинез 65’ – Алкантара 28’/

Вторник:

Атлетико Мадрид – Реал Мадрид 0:0

Јувентус – Монако 1:0