Барселона одбиена – нема трансфери до 2016-та година

Пропадна и последната надеж на Барселона дека сепак ќе биде помилувана, односно ќе и биде дозволено да купува нови фудбалери.

Судот за Спортска арбитража, кој всушност беше и евентуалната сламка спас за “каталонците”, ја одби жалбата на Барселона и само ја потврди казната – нема купување нови фудбалери до 2016 година.

Барселона доби казна од страна на дисциплинскиот Комитет на ФИФА поради непрописните трансфери кои ги изврши со фудбалери под 18-годишна возраст, а Судот за Спортска Арбитража денеска го даде последниот збор кога е во прашање трансфер политиката на каталонскиот гигант во наредните два преодни рока.

“Судот ја одбива жалбата на Барселона против Светската фудбалска федерација, поднесена на 19 август 2014 година. Дисциплинскиот Комитет на ФИФА го казни шпанскиот клуб со забрана за вршење на трансфери во наредните два преодни рока”, пишува во дел од соопштението на арбитражниот Суд.