Барселона се искачи на тронот од Лигата на шампионите

Европската круна останува во Шпанија, но од Мадрид се сели во Каталонија! Фудбалерите на Барселона успеаја да слават во финалето против Јувентус со 3:1 и така по петти пат да станат владетели на Стариот континент.

Она што го прави вечерашниот триумф на Барселона епски е тоа што Каталонците станаа првиот клуб во историјата на фудбалот кој успеал да ја освои популарната „триплета“ два пати (прва 2011). Јувентус храбро му се спротивстави на големиот фаворит, имаше и егал до 67-та минута од средбата, но немаше сили да го издржи притисокот до крај.

A, Барселона не можеше да посака подобар старт. Уште по првиот организиран напад на Каталонците мрежата на Буфон се затресе, и тоа во четвртата минута кога Ракитиќ ја круниса со гол маестралната акција во која учествуваа речиси сите играчи на Барселона.

Јуве брзо се разбуди и се закани преку Артуро Видал во осмата минута, но неговиот удар заврши над голот на Тер Штеген, а во 13-та минута Буфон направи чудо на голот, кога го скроти ударот на Дани Алвес со глава од непосредна близина.

Одбраната на Јуве делуваше многу конфузно, па речиси секој напад на Каталонците беше опасен, секој прекин, секое длабочинско додавање. Во тие моменти Видал беше многу нервозен и направи неколку поостри прекршоци, по кои заработи жолт картон, а многу лесно можеше да биде исклучен.

Фудбалерите на јуве влегоа во машината на Барселона, немаа начин како да му ја одземат топката на противникот, а кога ќе успееја, уште потешко ја изнесуваа од својата опасна зона, а таквата конфузија Барселона лесно можеше да ја казни во 40-та минута, кога Луис Суарез се најде во две полушанси, но најпрвин биеше блиску до десниот дирек, а во вториот обид реагираше Буфон за конечни 1:0 по првите 45 минути.

Вториот дел стартуваше слично како и првиот. Одбраната на Јувентус беше фатена на „спиење“, па Барса разви брна контра пет на три, која со шут ја заврши Суарез, но Буфон со маестрална парада спречи поголема негатива на својот тим.

И во моментите кога Барселона доминираше во сите сегменти од играта Јувентус постигна изедначувачки погодок во 54-та минута од средбата, а повторно стрелец беше феноменалниот Алваро Мората. Шпанскиот напаѓач се најде на вистинското место во вистинско време, па одбиената топка од Тер Штеген стигна до него и лесно погоди за 1:1. Мората пред овој дуел изјави дека вечерва игра за Јувентус, но бидејќи е голем мадридиста има и посебни мотиви вечерва.

Случувањата драстично се сменија по постигнатиот гол на Јуве. Италијанците понесени од изедначувачкиот погодок и гледачите од трибините, тргнаа во комплетна офанзива и се заканија во неколку наврати, но остана 1:1.

И слично како и изедначувачкиот погодок на Јувентус, Барселона возврати речиси во идентичен стил. Овој пат Јуве доминираше на теренот, а Барселона постигна гол за 2:1. Меси биеше од петнаесетина метри, Буфон интервенираше, а топката среќно дојде до ногата на Луис Суарез кому не му беше тешко да постигне гол во 67-та минута од средбата.

Темпото на натпреварот дополнително се засили, натпреварот достигна кулминација, но растрчаните фудбалери на Јувентус не успеаја посериозно да го загрозат голот на Тер Штеген. Во меѓувреме Нејмар постигна гол, но истиот беше оправдано поништен поради играње со рака.

Последнитеминути од средбата минаа во мирна атмосфера. Избраниците на Луис Енрике мирно ја чуваа топката во своите нозе и тоа претежно на противничката половина, а Италијанците преку високите топки не успеаја да сторат ништо повеќе.

И кога сите го очекуваа последниот судиски свиреж, брза контра на Каталонците која во гол ја претвори Нејмар за конечни 3:1.

Извор: Спортмедиа.мк