Барселона се посилно “загризува” за Погба

Барселона е подготвена да го формализира интересот за Пол Погба, а токму за таа цел во Италија ќе пристигнат Ариедо Браида и Алберто Солер. Тие ќе остварат средба со трансфер гуруто на Јувентус, Џузепе Марота со кого ќе се обидат да најдат заеднички јазик за евентуален трансфер на Французинот на “Камп Ноу”.

Иако “каталонците” имаат забрана за трансфери до јануари 2016 година, сепак Погба е обележан како примарна трансфер цел ова лето. Интересот е особено зголемен поради претседателските избори во Барселона кои следуваат за само две недели, па така сите кандидати сакаат со доведување на големо име да ја обезбедат претседателската фотелја.

Понудата која Браида и Солер ќе му ја достават на Марота ќе биде трансферот на Погба да биде реализиран сега, а 22-годишниот фудбалер да премине на “Камп Ноу” во 2016 година, со тоа што би останал во Торино уште една сезона.

Тоа оди во прилог на “Старата дама”, бидејќи немаат никаква намера да го продадат Французинот ова лето, особено што од клубот веќе си заминаа двајца клучни фудбалери, Андреа Пирло (Њујорк) и Карлос Тевез (Бока Јуниорс).

Играчот за врска е најпосакуваниот фудбалер во овој трансфер период, бидејќи покрај Барселона, за него интерес покажаа и Реал Мадрид, ПСЖ, Челзи и Манчестер Сити.

Сепак самиот Погба изрази желба да го облече дресот на “каталонците”, посочувајќи го Лионел Меси како “соиграч од соништата”.