Барселона со пресврт во вториот дел остана единствената непоразена екипа

Во дербито од 19-то коло до шпанското фудбалско првенство Барселона на гостувањето го совлада Реал Сосиеадад со 4:2, иако по половина час губеше со 0:2, а по поразот на Манчестер Сити кај Ливерпул (3:4) претходно во неделата, сега е единствената екипа во петте најсилни европски национални лиги која оваа сезона сѐ уште не е поразена.

Ова беше прва првенствена победа на Барселона на „Аноета“ во последните 11 години. Последната лигашка победа на овој стадион Каталонците ја забележаа на 5-ти мај 2007 година.

Реал Сосиедад одлично влезе во натпреварот и по малку повеќе од половина час имаше водство од 2:0. Домашните поведоа во 11 минута со голот на Вилијан Хозе, а водството го удвои Хуѕани во 34 минута. Паулињо во 39 минута намали на 1:2, а потоа Луис Суарез со два гола, во 50 и 71 минута направи целосен пресврт. Сите дилеми околу победникот ги реши Лионел Меси од слободен удар во 85 минута.

Барселона на половина од сезоната има 16 победи и три ремија и води на табелата со 51 бод. Атлетико Мадрид е втор со 42 бода, Валенсија е трета со 40 бодови, а четврти е Реал Мадрид со 32 бода и натпревар помалку.

Во неделата игра и Леванте и Селта, а гостите ги освоија бодовите со голот на Систо во 37 минута. Алавес забележа домашна победа над Севиља, а стрелец беше Ману Гарсија во 52 минута. Еспањол и Атлетик Билао одиграа нерешено 1:1. Домашните поведоа преки Морено во 29 минута, а Вилијамс израмни во 35 минута.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.