Барселона стаса до 29-та титула во Купот на кралот

Во финалето од шпанскиот национален куп Копа дел Реј, или Купот на кралот, Барслона на мадридскиот стадион „Винсенте Калдерон“ го совлада Алавес со 3:1, одбранувајќи ја титулата од последните две години.

Сите четири голови беа постигнати во првото полувреме, и тоа во последните 15-ина минути.

Првата шанса на мечот ја имаше Алавес во 27 минута, но Ибаи Гомез ја погоди стативата, а откако топката се движеше по гол линијата беше исфрлена од одбраната на Барса. Три минути подоцна Каталонците поведоа со одличен гол на Лионел Меси од работ на шеснаесетникот. Тоа беше 54 гол оваа сезона во сите натпреварувања, а интересно е што целиот тим на Алавес постигна исто толку голови за целата сезона во сите натпреварувања.

По водството на Барселона, Алавес брзо изедначи. Три минути подоцна Тео Хермандез изведе фантастичен слободен удар од 20 метри откосо. Меѓутоа, радоста на играчите на Алавес кусо траеше. До крајот на полувремето Барселона со головите на Нејмар во 45 минута и Пако Алакасер во првата минута од судиското продолжение дојде до предност од 3:1. Во второто полувреме речиси и да немаше момент кој вреди да се одбележи.

За каталонскиот гигант ова е воедно и рекордната 29-та титула во купот. На второто место од листата на освојувачите е Атлетик Билбао со 23 титули, а трет е Реал Мадрид кој во Купот на кралот славел 19 пати.

Водено ова е трет триумф на Барса со ред. Каталонците минатата година ја совладаа Севилја, а година претходно Атлетик Билбао.

За Алавес и самиот пласман во финалето е најголемиот успех во 96-годишната историја на клубот. Баскискиот клуб оваа сезона 2016/2017 се врати во елитната шпанска лига по десет години пауза, и го зазема деветтото место.

И во Шпанија победникот во националниот куп се пласира во Лига Европа. Меѓутоа, бидејќи Барселона како второпласирана веќе си обезбеди место во Лигата на шампионите, право да се натпреварува во Лига Европа доби Атлетик Билбао, кој во домашниот шампионат го освои седмото место.

Финалето одиграно на „Винсенте Калдерон“ беше и последниот натпревар одигран на овој стадион, бидејќи Атлетико Мадрид од следната година ќе игра на новиот „Ванда Метрополитано“ стадионот. Легендарниот „Винсенте Калдеро“, е отворен во 1966 година како „Естадио дл Манзанерас“ за шест години подоцна да го добие името на поранешниот претседател на мадридските „Јорганџии“. На неговото место ќе бидат изградени деловни згради и парк кој ќе го носи името „Атлетико Мадрид“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.