Барселона во трилер меч ја совлада Севиља, Педро е херојот на Каталонците

Барселона во Тбилиси се радуваше на четвртиот трофеј сезонава

Шпанските тимови кои минатата сезона се закитија со трофеите во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, одиграа фантастичен натпревар во рамките на УЕФА Супер купот, во кој беа постигнати дури девет погодоци.

Севиља прва поведе уште во 3-та минута, а стрелец беше Евер Банега од слободен удар. Тоа како да го налути Лионел Меси, кој на идентичен начин одговори во
7-та и 16-та минута, доведувајќи ја Барса во водство од 2:1. Пред крајот на првиот дел, гол за “каталонците” постигна и Рафиња, кој во 44-та минута зголеми на 3:1.

Меси беше буквално незадржлив за фудбалерите на Севиља
Меси беше буквално незадржлив за фудбалерите на Севиља

Во 52-та минута, во листата на стрелците кај Барселона се запиша и Луис Суарез, па во тие моменти се чинеше дека “андалузијците” нема што да бараат на овој натпревар.

Но тогаш започна чудесниот кам-бек на Севиља, која успеа да се врати против големата Барселона. Во 57-та минута Хозе Антонио Рејес намали на 4:2, за 15-тина минути подоцна, Кевин Гамеиро од пенал комплетно да ја врати неизвесноста на натпреварот. За чудото да биде комплетирано се погрижија двете летни аквизиции на Севиља, Чиро Имобиле и Евген Конопљанка. Италијанецот влезе во шеснаесетникот, го сочека украинскиот репрезентативец и со одлично додавање му “сервираше” чист гол.

Дали херојот на Барселона го постигна последниот гол за "каталонците" ?!
Дали херојот на Барселона го постигна последниот гол за “каталонците” ?!

Натпреварот отиде во продолженија, а таму најинтересниот момент се случи во 115-та минута. Најпрво Меси не успеа да постигне и трет погодок од слободен удар, по што топката од живиот ѕид повторно дојде до Аргентинецот, упати удар но Бето успеа да ја одбрани топката, на која налета Педро и го постигна голот вреден трофеј.

Со освоениот трофеј во Супер купот, екипата на Барселона го мина италијанскиот гигант Милан. Каталонците на своето конто имаат пет трофеја во клупското натпреварување. За актуелниот шампион на Шпанија, ова е четврти трофеј сезонава.