Башбуг: САД треба да ги укинат своите служби, ако не знаеле за пучот во Турција

Нема никаков сомнеж дека исламскиот проповедник Фетхулах Ѓулен го организирал обидот за преврат во Турција во јули годинава, изјави поранешниот началник на Генералштабот на турската Армија, Илкер Башбуг во обраќање во Вашингтон.

– Всушност, тоа не е вообичаен воен преврат, бидејќи вишите команданти се спротивставија на тој обид. Ете затоа јас претпочитам да го нарекувам „ѓуленистички преврат“, а не воен, рече Башбуг во своето излагање пред Организацијата на турско наследство во Вашингтон.

Како што јави „Дејли сабах”, Башбуг додаде уште и дека е логично да се претпостави оти американските разузнавачки служби знаеле за „очекуваниот преврат“.

– Не тврдам дека тие имале удел во сето тоа. Но, доколку не знаеле, можеби би требало да ги укинат, како што би направиле и ние со турските, појасни тој.

Директорот на ЦИА, Џон Бренан во јули одби да потврди дека САД го очекувале превратот во Турција.

Турската разузнавачка служба МИТ исто така немаше податоци и индиции дека се подготвува државен удар, до само неколку часа пред самиот почеток на настаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.