Анализи

што покажува годишниот извештај на ЕК за регионот Бавно напредување на западен Балкан

Бавно напредување на западен Балкан

Земјите од западен Балкан бавно напредуваат на патот кон Европската унија, додека Турција наместо приближување сѐ повеќе се оддалечува, оцени во вторникот европската комисија во својот извештај за напредокот на земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство, пренесуваат светските агенции.

Европската комисија на својот состанок во Стразбур ги прифатила извештајот за напредокот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија, Србија и Турција.

Европската комисија секогаш досега пакетот за проширување, кој вклучува стратегија за проширување и извештај за напредокот на земјите кандидатки и потенцијални кандидатки, го објавуваше во ноември. Сега овој настан е префрлен во пролет, а последниот пакет беше усвоен пред една и пол година во ноември 2016 година. Овојпат стратегијата за проширувањето беше објавена два месеца пред извештајот за напредокот, во февруари годинава, но само за земјите од западен Балкан, но не и за Турција со којашто Европската унија има отворени преговори, иако тие се подолг период во целосен застој.

Земјите опфатени со извештајот се на различен степен во поглед на шансите за членство во ЕУ. Според оцените на Европската комисија, најдалеку во процесот отишле Црна Гора и Србија, Македонија и Албанија имаат статус на кандидатки но чекаат датум за преговори, БиХ го чека мислењето на ЕК за нејзиното барање за членство, додека Косово е последно и во најтешка ситуација, бидејќи пет земји членки не ја признаваат неговата самопрогласена независност.

 

Албанија најголемата новина во извештајот, Турција најкритикувана

Светските агенции оценуваат дека во годинешниот извештај најголемата новина е што Европската комисија препорачува отворање на преговорите со Албанија,. Оценува дека Албанија постигнала добар напредок во пет области, коишто ЕК ги одредила како услов за добивање препорака за отворање на преговорите. Станува збор за реформа на јавната управа, јакнењето на независноста на судството, борбата против тероризмот и организираниот криминал, заштитата на човековите прва и оправата на малцинствата. „Во светлината на постигнатиот напредок, Комисијата препорачува отворање на преговорите со Албанија“, се заклучува во извештајот.

Извештајот на ЕК за Македонија, пак, во новинските извештаи се оценува како „доста позитивен“ и дека земјата повторно добила препорака за отворање на преговорите. Македонија има статус на кандидат од 2005 година и ЕК од тогаш секоја година препорачуваше отворање преговори, но тоа никогаш не беше реализирано поради противењето на Грција, којашто го негира правото на уставното име на земјата. Овојпат ЕК е оптимистична, а се оценува дека тоа е поради смената на власта која што овозможила „надминување на длабоката политичка криза по тешкиот период“.

„Политичката волја за напредок повторно е тука и позитивните промени на политичката свест се видливи во целото општество, а недостигот од тоа беше голема пречка за реформите изминатите години“, се цитира реченицата за којашто се вели дека претставува „јасна пофалба на сегашната влада на Зоран Заев и остра критика на претходната влада“.

Во извештаите за напредокот ЕК ги оценува аспирантите за членство во поглед на почитување на темелните европски вредности, како што се владеењето на правото, добрососедските односи, реформите во сферата на правната држава, јавната управа, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и економските реформи.

Како што и претходно најавуваше ЕК, сега особено се инсистира сиве овие земји пред влегувањето во ЕУ да мора да ги решат своите спорови со соседите, како што е, на пример, грчкиот спор за уставното име на Република Македонија. „ЕУ не може и нема да увезува билатерални спорови и тие мора итно да бидат решени“, наведуваат од Комисијата.

ЕК во својата нова стратегија за проширувањето за западен Балкан, која беше прифатена во февруари, ги повика земјите од регионот „решително и неповратно да тргнат напред со процесот на трансформација и да ги решат постојните недостатоци“.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, ЕК оценува дека минатата година напредувањето одело многу бавно. Комисијата ја повикува БиХ итно да го промени изборното законодавство за да се обезбеди уредно одржување на изборите во октомври годинава и лесно спроведување на изборните резултати.

„Сите политички лидери (во БиХ) треба да ја преземат одговорноста и да покажат волја за компромис во поглед на решенијата за Домот на народите за да не се загрози европската перспектива на земјата и на нејзините граѓани“, се наведува во извештајот.

Бошњачките политички партии одбиваат да ги прифатат предлозите на хрватските партии во БиХ за да го оневозможат пополнувањето на хрватската национална група во Домот на народните со пратеници кои немаат поддршка од партиите кои ја добиле мнозинската поддршка од хрватскиот електорат. Наместо тоа, бошњачките партии предлагаат редефинирање на улогата на Домот на народите според што тој би бил сведен на тело коешто би се занимавало со заштита на виталниот национален интерес на конститутивните народи, како Советот на народите во Република Српска.

Србија досега отвори 12 преговарачки поглавја од кои две привремено се затворени. Европската комисија наведува дека брзината на преговорите ќе зависи од напредокот во спроведувањето на реформите, особено во поглед на владеењето на правото, како и од нормализацијата на односите со Косово.

Црна Гора досега отвори 30 поглавја, од коишто три привремено се затворени. „Црна Гора продолжила да напредува, особено во поглед на правната и институционалната рамка, додека практичниот ефект од реформите сѐ уште не е видлив, и нема напредок во подрачјето на слободата на изразувањето“, наведува Европската комисија.

Косово, коешто е најмногу оддалечени од перспективата на членство, е во посебна положба имајќи предвид дека пет земји членки на Европската унија не ја признаваат еднострано прогласената независност во 2008 година на оваа поранешна јужна српска покраина со поддршка на САД и водечките членки на ЕУ. Од Приштина се бара поголем ангажман во дијалогот со Белград, вклучително и спроведување на сите договори досега постигнати во овие разговори, меѓу нив и за Заедницата на српските општини на Косов, а за што има голем отпор кај водечките партии на косовските Албанци.

Очекувано Турција во извештајот на ЕК доби многубројни критики и единствената пофалба се однесува на нејзината улога во згрижувањето на бегалците од Блискиот исток. Европската комисија истакнува дека во турските затвори „се наоѓаат околу 150 новинари“, дека вонредната вонредна состојба, прогласена по неуспешниот воен преврат од 15-ти јули 2016 година, дека е „искористена за масовна пресметка со политичките противници“, како и дека се влошени односите на Анката со некои држави членки. Станува збор за одговорот на Турција против Германија и Холандија, во прв ред, кои не им дозволија на турските министри да одржат средби со тамошните турски граѓани во текот на кампањата за референдумот за преминување на земјата на претседателски систем. Турција, особено е критикувана и поради односот кон поделениот Кипар, членка на ЕУ, кој останува поделен на турски и грчки дел.

 

Јункер драматично повикува да му се даде шанса за западен Балкан

Челникот на ЕК, е силен заговорник на проширувањето на ЕУ на западниот Балкан. Претседателот Жан-Клод Јункер доста драматично предупреди во вторникот во Европскиот парламент дека Европската унија мора да им даде европска перспектива на земјите од југоисточна Европа, за да се избегне повторувањата на воените судири во поранешна Југославија од 1990-те години.

„Доколку не се отвориме за земјите во овој извонредно компликуван и трагичен регион, доколку не им дадеме европска перспектива, ќе имаме повторно војна во овој регион какво што имавме во 1990-те години“, рече Јункер во својот говор во Европскиот парламент, откако претходно на парламентарците им се обрати францускиот претседател Емануел Макрон.

Меѓутоа, сите одлуки во ЕУ коишто се однесуваат на проширувањето мора да се носат едногласно, и сите земји членки мора да го поддржат секој чекор на патот на земјите кандидатки кон членството во Унијат. А тоа е еден од главните проблеми и на Македонија и покрај десетиците препораки за почетокот на преговорите за полноправно членство.

Францускиот претседател Макрон во вторникот изјави дека треба да се „усогласи“ западниот Балкан со Европа, но дека нема да се залага за проширување, доколку претходно не се направат промени во рамките на самата Европска унија.

„Треба да го ускладиме западен Балкан со Европа. Свесен сум дека постои опасност тие земји да се свртат кон Турција или Русија, но јас нема да се залага, за проширување доколку пред тоа во рамките на Европската унија не дојде до промени“, рече Макрон во расправата со европратениците по говорот во кој повика на „подлабока“ интеграција на Европската унија.

Макрон тврди дека Европската унија, таква каква што е во моментов, не би можела да функционира со 32 држави членки.