BBC: Пјонгјанг ќе продолжи со тестирањето проектили и предупредува на „тотална војна“

Северна Кореја ќе ги продолжи редовните тестирања со балистички проектили, а каква и да е американска ангажираност против тоа ќе предизвика „тотална војна“, пренесе во понеделникот британскиот јавен сервис BBC повикувајќи се на висок функционер на оваа изолирана комунистичка земја.

Властите во Пјонгјанг последните години забрзано изведоа неколку тестови со балистички проектили со различни дострели и нуклеарни тестови и покрај веќе шесте кругови санкции наметнати од страна на Обединетите нации, и предупредија дека веќе развила интерконтинентални ракети со коишто може да гаѓаaт цели на територијата на САД.

Според организациите коишто ја следат севернокорејската ракетна и нуклеарна програма нејзиниот најнов тест на проектили доживеал неуспех неколку секунди по лансирањето. Но Северна Кореја тврди дека бил успешен.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс ја предупреди во понеделниот Северна Кореја дека неодамнешните американски ракетирања во Сирија и фрлањето на мегабомбата во Авганистан покажале дека не би требало да се става на тестирање решителноста на претседателот Доналд Трамп, како ниту американската воена моќ.

„Ќе изведуваме уште тестирања со проектили, на неделна, месечна и годишна основа. Доколку САД бидат доволно непромислени да употребат воени средства, тоа би значело од истиот тој ден и тотална војна“, изјавил во интервју за BBC помошникот министер за надворешни работи, Хан Сонг-рјол.

Севернокорејските државни медиуми минатата седмица пишуваа за можен нуклеарен напад врз САД, како превентивна акција на каков и да е сигнал за американска агенција. Меѓутоа, Белата куќа соопшти дела не постојат докази дека Пјонгјанг поседува такви можности.

Севернокорејскиот дипломат во интервјуто за BBC, исто така, рекол дека тие веруваат оти нуклеарното оружје ги штити од заканите со воена акција од страна на Вашингтон.

Во понеделниот уште еден севернокорејски дипломат предупредил дека Пјонгјанг е подготвен да одговори на „секој вид војна“ којашто би ја започнале САД.

„Доколку САД се осмелат да преземат воена акција, Демократска Народна Република (Северна) Кореја е подготвена да реагира на секој вид војна којашто ја сакаат Соединетите држави. Кореја ги има преземено сите легитимни одбранбени мерки по заканите од американска воена акција“, рекол заменикот на постојаниот севернокорејски претставник во ОН, Ким Ин-рјонг, пренесува AFP.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот „го советуваше“ младиот севернокорејски челник Ким Џонг-ун да се однесува „пристојно“. Трамп минатата седмица ја пренасочи ударната група борбени бродови предводена од носачот на авиони на нуклеарен погон „Карл Вилсон“ кон Корејскиот полуостров, а неколку дена подоцна ја спомена и „армадата“ од подморници.

„Таа одлука (на Трамп – з.р.) покажува дека опасните иницијативи на САД за инвазија врз Северна Кореја влегле во сериозна фаза“, рекол уште севернокорејскиот дипломат во светската организација и додал дека Пјонјганг ќе ги смета САД „целосно одговорни за катастрофалните последици предизвикани од нивните скандалозни активности“.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон следната седмица ќе претседава со вонредната седница на Советот за безбедност при ОН посветена на Северна Кореја.