43 бебиња ја примија новата шествалентна вакцина

Пред два дена почна примената на шествалентна вакцина и само во изминатите два работни дена вкупно 43 новороденчиња ја примија во советувалиштата во Здравствен дом Скопје.

Во текот на минатата недела шествалентна вакцина беше дистрибуирана во сите советувалишта во Република Македонија. Петвалентната вакцина се очекува овој месец да пристигне и со нејзина примена ќе се почне во септември.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ, која е член на Националниот комитет за имунизација посочи дека сите деца кои подлежат на редовна имунизација по календар до 18 месеци ќе бидат вакцинирани со петвалентна и со шествалентна вакцина.

Во текот на јули, појасни Баевска Вучковиќ, Министерството за здравство со Здравствен дом Скопје организираше дводневна едукативна работилница за превентивните тимови од советувалиштата кои се запознаени со употреба на петвалентната и шествалентната вакцина.

Бенефитот е најголем за најмалите бидејќи со употреба на петвалентната и шествалентната вакцина 13-те инјектирања во првата година се намалуваат на седум. Тоа дава простор за воведување нова вакцина, пнеумококната, сега е по избор, меѓутоа со тенденција понатаму да биде ставена редовно во календар, рече Баевска Вучковиќ.

Сето ова, укажа таа, веруваме и се надеваме ќе ги охрабри оние родители кои се плашеа и беа скептични околу вакцинирањето бидејќи докажано е дека со вакцината постигнуваме колективен имунитет и стабилен епидемиолошки статус.

Сите новородени кои имаат примено само по една доза вакцина во родилиште ќе стартуваат со шествалентната вакцина, по календар е така, па петвалентна, па шествалентна. Оние кои веќе имаат почнато одредена доза од претходните вакцини ќе продолжат со петвалентна, а последната доза ќе биде шествалентна. Значи секој тим кој работи во советувалиштата е запознаен со календарот на имунизација и согласно возраста така ќе продолжи со петвалентна или шествалентна вакцина, рече Баевска Вучковиќ, одговарајќи на новинарско прашање.

Појасни дека нема пријавени несакани реакции.

Тие се сведени на минимум во однос на она што е зголемена температура која беше очекувана реакција од претходните. Оваа вакцина не е пропратена со тоа. Може да има само локална минорна реакција од црвенило и болка, меѓутоа тоа трае краткотрајно и за 24 часа поминува, истакна Баевска Вучковиќ и додаде дека 43 бебиња кои ја примија шествалентната вакцина по шест недели ќе продолжат со вакцинирање редовно по календар, како што е пропишано по правилникот за имунизација.

 

 

Последните истражувања покажале дека вакцинацијата нема поврзаност со аутизмот.