Беда и ксенофобија за бегалците во Бугарија

Сириските бегалци во Бугарија живеат во ужасни услови, а односот на локалното население кон нив е ксенофобичен, забележува „Гласот на Америка“.

Над 2,5 милиони Сиријци ја напуштиле својата земја, заминувајќи во соседните земји како Турција, Јордан и Либан. Околу 6.000 бегалци пристигнале и во Бугарија, една од најсиромашните земји членки на Европската унија.

Според информациите на активистите и хуманитарни организации, во Бугарија сириските бегалци живеат во услови под егзистенцијален минимум и меѓу ксенофобија, што дополнително ја подргеваат неодговорните изјави на политичари националисти и пораки на десничарски медиуми.

Според анкета спроведена во почетокот на декември во 2013 година, 62,2 отсто од Бугарите не сакаат повеќе бегалци во земјата, 15 отсто сметаат дека Бугарија треба да продолжи да прима бегалци, а 22,7 отсто немаат мислење за ова прашање.

Според слично истражување спроведено на крајот на септември во 2013 година, 83 отсто од Бугарите гледаат во сириските бегалци закана за националната безбедност .