Свет

Бегаат од ИСИЛ умираат од зарази

Бегаат од ИСИЛ умираат од зарази

Не можам да ви кажам каде сум сместена во моментов, ниту пак, сакам да раскажувам детали за мене и за моето семејство оти сакам да ги заштитам моите блиски. Можам да ви кажам дека имаме илјадници раселени лица од Ниневиската Рамнина во Ербил, Дахук и Сулејманија. Тие добиваат хуманитарна помош. Но, тоа не е решение за Асирците. Сакаме нашето засолниште да биде под меѓународна заштита и сакаме да формираме наши воени сили, изјави за МИА, дваесет и петгодишната Савина Давуд од Шаглава.

Таа важи за локална хероина, борец за правата на Асирците, која се обидува да го сврти вниманието на светот кон геноцидот кој ИСИЛ го врши врз христијаните и другите религиозни групи на Блискиот Исток. А целта на ИСИЛ е да ја исчисти територијата од христијаните и да воспоставуви Исламаската калифатска држава.

Додека врсничките на Савина го користат „Фејсбукот“ за забава и дружење, таа, облечена во униформа преку нејзиниот профил информира за несреќата која го снајде нејзиниот народ. Во еден од нејзините постови таа им порачува на Ирачаните да погледат околу себе и да ги видат раселените лица.

– Погледнете каде се тие, а каде сте вие. Бидете благодарни за тоа што го имате, а ако можете, помогнете, напиша младата девојка.

Пред три недели едно од бебињата бегалци Сара, во нејзина чест, беше прекрстено во Савина.

Но, разговорот со Савина, ниту, пак, со било кој од христијаните кои се на удар од ИСИЛ не минува вообичаено и лесно како со граѓаните од останатиот свет. Доколку се обидете да стапите во контакт со нив, посебно од за нив непозната држава како што е Република Македонија, ќе наидете на бариера во комуникацијата. Маките низ кои минуваат и опасноста дека секој момент може да ги снема ги направила неверчиви кон непознати лица. Разговор по меил или на социјалните мрежи, што е нешто вообичаено кога сакаме да стапиме во контакт со непознати  лица од други држави, со тамошните жители е речиси невозможен. Низа прашања и потпрашања кои сте, каде живеете, зошто се интересирате за христијаните од Блискиот Исток. Ќе ви се јават дури и на телефон за да ви го чујат гласот за да се уверат дека не сте некој лажен профил на „Фејсбук“ зад кој се крие непријателот. Такво беше нашето искуство кога се обидуваме да дознаеме нешто повеќе за луѓето кои се на удар од ИСИЛ.

Освен што се соочуваат со геноцид, оние христијаните и други религиозни малцинства кои избегале од дома и се сместиле во бегалските кампови им се закануваат и разно разни зарази поради лошите услови за живот.

s1

Апел до црквите да помогнат

Од невладината  Кхалса Аид која се грижи за раселените во Ербил велат дека прават се’ за да спречат хуманитарна катастрофа.

– Црквите треба да сторат нешто повеќе за да им помогнат на овие христијански бегалци. А, се чувствува отсуството и на поголемите невладини организации. Ние се обидуваме колку што можеме да помогнеме, вели за МИА Рави Сингх од Кхалса Аид.

Оваа невладина организација им помага на 1000 лица во бегалските кампови во Ербил. Таа им обезбедува храна, вода и средства за хигиена на бегалците. Велат им недостасуваат многу волонтери или лица на кои би им платиле доколку се вклучат да помогнат.

– Вршиме проценка на ризиците за бегалци. Во последните неколку недели има и  многу смртни случаи. Повикавме група на шведската лекарите да работат во Духок каде што има огромен проблем со вода за пиење која е загадена, а има и санитарни проблеми . Нема адекватни услови за хигиена и заразите можат брзо да се рашират во камповите. Работиме за да се избегне хуманитарна катастрофа. Ни требаат итно околу 7.000 долари. Бараме донации за да набавиме од 50 до 100  преносни тоалети. Мораме да ги подобриме санитарните услови за да се намали ризикот од болести, вели Бал Сандху од невладината Кхалса Аид.

Нема информации дали Црквите материјано  им помагаат на христијаните од Блискиот исток. Но, од нив секојдневно можат да се чујат пораки да престане геноцидот врз немуслиманското население.

– Гледајќи го она што се случува во Сирија, Ирак, Газа, и многу други земји околу нас, како и меѓународното молчење што го придружува, кое е посмртоносно од инструментите за убивање и уништување, соочени сме со едно сознание: распаѓањето на моралниот, етичкиот, духовниот и хуманитарниот поредок во нашиот свет. Тоа е вистинската трагедија, вели архимандрит Христофор Атала во пораката до христијаните од Блискиот Исток.

Тој предупредува дека силите на злото сакаат да го исчистат Блискиот Исток од христијани.

– Ова е многу опасно не само затоа што овие држави се наши држави, земјата е наша земја, светињите се наши светињи и ние сме суштински дел на оваа цивилизација. Туку и затоа што  тие сакаат да ги лишат нашите држави, нашите народи од нивниот цивилизациски, верски, духовен и културен идентитет, вклучувајќи ја и културата на муслиманскиот-христијанскиот верски соживот во својата источно-православна димензија. И нашите држави и нашите народи пропаѓаат и се подложени на интереси што ни се туѓи нам. Така тие внесуваат политика на раздор: и покрај присуството на многу обединувачки фактори што не држат заедно во нашите држави, сепак сме разделувани; наместо да го бараме она што не обединува, за жал направен е избор што не разделува и уништува, вели архимандрит Христофор Атала.

Тој порача дека секој има одговорност да придонесе за спасување на човештвото од уништувањето и пропаста на човечките, моралните и духовните вредности. Во својата порака архимандрит Христофор Атала потсети и на митрополитите Павле Јазиги и Јован Ибрахим, кои беа киднапирани пред повеќе од една и пол година. Тој упати благослов до арапска армија која ги заштитува и на сите безбедносни сили кои ја чуваат безбедноста и стабилноста на христијаните.

Геноцид

На крајот на јуни ИДИЛ прогласи калифат на териториите под нејзина контрола. Сунитските екстремисти досега успеаја да заземат неколку ирачки градови, меѓу кои е и вториот по големина Мосул.

По освојувањето на Мосул, стотици илјади бегалци го напуштија градот, кој е втор по големина во Ирак. Информациите кои пристигнуваат оттаму говорат дека митрополитите, свештениците и калуѓерките се избегани во околните христијански села, кои се сметаат за безбедни. Сите цркви во Мосул се затворени, а крстовите тргнати и заменети со исламски знамиња. Христијаните, не понесувајќи ништо со себе, се протерани.

– За првпат во историјата на градот, во него нема христијани. Се’ е подготвено за идната исламска држава- изјави сирискиот архиепископ Никодим.

Христијаните, староседеци на Блискиот Исток, и во минатото беа на удар од  различни режими. Се проценува дека половина од еден и полмилионската христијанска заедница во Ирак побегнала од земјата по крвавата граѓанска војна, која следуваше по американското уривање на режимот на Садам Хусеин во 2003 година. Но она што се случува денес е закана за целосно исчезнување на христијаните од Блискиот Исток.

Инаку, милитаните од ИСИЛ кои војуваа против сирискиот претседател Башар Ал Асад беа потиснати од Сирија и се преселија во Ирак. По падот на Хусеин, Ирак со нестабилен политички систем и уништена армија, се чини им стана лесна мета за освојување. Сега под нивна контрола се неколку градови и клучни места како што се брани и нафтени полиња.
Медиумите интензивно информираат за зверствата што ИСИЛ ги врши врз христијаните. На нивните домови се исцртани графити со арапската буква Н (нун), за да се обележат таканаречените „ „Назаричани“ или оние кои го следат Исус од Назарет.

Домовите и продавниците бележани со оваа буква се мета на грабежи, а луѓето убивани.

Интернетот е преплавен со фотографии на обезглавени христијани до кои позираат милитантите од ИСИЛ. На една од фотаграфиите може да се види дете во кое се вперени три пушки. Жените се силувани или убивани.

Сите овие информации,  фотографии и видеа кои пристигнуваат од Блискиот Исток говорат за ужасот низ кој минуваат бележените таму.

ИСИЛ закана за светот

Според картата која ја објави терористичката организација ИСИЛ, се  опфатени големи делови на средна Африка, северна Африка, Блискиот Исток и Шпанија. На мапа на која се гледа каков е нивниот план за ширење, влегува и Македонија. Водачот на терористичката група Абу Бакр ал Багдади (Ибрахим Бадри) порача дека на Балканот ќе се воспостави муслиманска држава – исламски калифат.

Во новиот Калифат ќе бидат вклучени сите земји од поранешната СФРЈ, Бугарија, Албанија, Грција.

Во исламскиот свет, калифот, кој се смета за следбеник на пророкот Мухамед, се нарекува „емир на верниците“. Калифатот, исламска форма на владеење каде световното и духовното водство е во исти раце, својот процут го имаше во периодот од 7. до 16. век. Последниот калифат беше укинат во 1924 година од страна на турската влада, по распадот на Османлиското царство.

ИДИЛ беше близок на терористичката мрежа Ал Каеда, меѓутоа пролетва дојде до прекин на односите. Според проценки на експертите, сега двете организации се борат за лидерско место во џихадистичкото движење.

Експертите предупредуваат дека ИСИЛ може да прерасне во глобална терористичка сила во однос на која Ал- Каедна би изгледала питома.

Во медиумите може да се прочитаат и мислења дека зад создавањето на ИСИЛ, стојат САД и Велика Британија, со цел соборување на сирискиот претседател Башар ал- Асад и дисциплинирање на ирачкиот премиер Нури ал-Малики. Но, како и да е, светот не може да го врти погледот од отсечените глави на христијани што се случува секојдневно на Блискиот Исток. Треба да се стори нешто за да се спречи геноцидот врз христијаните.

Ирена Радовановиќ за миа.мк