Бегалците ја тужат Германија за бавни процедури за азил

Над 3.200 бегалци досега покренале тужби против германските власти за долгите процедури за добивање азил, јави дописникот на МИА од Берлин.

Според податоците доставени од Федералната агенција за миграции и бегалци, вкупно 3.271 бегалец до крајот на март поднеле тужби против германската држава, која според нив го прекршила законот кој предвидува пократки рокови за носење решенија по барањата за азил.

Доколку се утврди дека властите по нивна вина не одговориле на барањата за азил во законскиот рок, тужбите можат да донесат казни за раководителите и институциите кои се надлежни да утврдат дали некое лице има право да добие азил во земјата.

Една третина од тужбите се покренати во најбројната германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Минатата година во Германија пристигнаа над 1,1 милиони бегалци, а во февруари годинава шефот на Агенцијата за миграции и бегалци, Франк Јирген Вајс откри дека меѓу 670 и 770 илјади бегалци се уште не примиле решение за нивниот бегалски статус.

Според Министерството за внатрешни работи на Германија во просек процесот за добивање азилантски статус во април траел 5,8 месеци, во август минатата година за истата работа биле потребни 4,9 месеци, а во 2014 година на властите им биле потребни 11 месеци за одговор на барањата за азил.

Според германските закони, нема прецизна временска рамка за колкав период барателите на азил треба да добијат одговор, но по период од шест месеци е предвидено властите задолжително да ги информираат барателите кога би можеле да ја очекуваат одлуката за нивниот статус.