Бегалците одбиваат да си заминат од Пиреја

Бегалците и мигрантите од Пиреја се уште одбиваат да го напуштат пристаништето и да заминат во сместувачки центри во други делови од Грција.

Локалните власти и капетанијата на пристаништето со помош на преведувачи се обидуваат да ги убедат бегалците да се качат во автобусите, и ги повикуваат да ја надминат несигурноста и недовербата, јавува дописникот на МИА од Атина.

Некои бегалци сакаат да одат на други места каде што има подобри услови, додека други рекле дека им е страв да одат на друго место затоа што така сите ќе заборават на нив. Тие, исто така, изразиле загриженост во врска со нивната иднина откако дознале дека почнал процесот за враќање мигранти во Турција.

Во Пиреја во моментов се паркирани четири автобуси кои чекаат бегалците да се качат во нив, а во исто време претставници на УНХЦР ги информираат оние бегалци кои сакаат да бараат азил.

Според последните официјални податоци, во Пиреја има 4.725 бегалци и мигранти.

Шефот на Координативниот центар за управување со бегалската криза и заменик-министер за одбрана Димитрис Вицас денеска изјави дека Пиреја до Велигден ќе биде „расчистена од бегалци“. Тој посочи дека во приемните центри има 2. 600 празни места, а до недела ќе се создадат уште места каде ќе можат да се сместат бегалци. Откако ќе биде расчистено најголемото пристаниште во земјата, ќе бидат преземени активности за расчистување и на кампот во Идомени на грчко-македонската граница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.