Бејкер: САД требаше да и предложат на Русија да стане членка на НАТО

Поранешниот американски државен секретар Џејмс Бејкер изјави дека САД требало да и предложат на Русија да стане членка на НАТО по крајот на Студената војна, објави МИА.

– По Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз, ние требаше да и дадеме на Русија можност да влезе во НАТО што ќе претставуваше истовремено политички сојуз и сојуз во областа на безбедноста – изјави Бејкер за Си-Ен-Ен.

– Требаше кон Русија да се однесуваме како што постапивме спрема Германија и Јапонија по Втората светска војна. Да и дадеме шанса да стане дел од меѓународната заедница, да ја вклучиме во екипата. Тоа, сепак не се случи – изјави Бејкер кој беше државен секретар од 1989 година до 1992 година.

Според него, 15 години САД и Русија биле во доста добри односи – како при управувањето на Елцин така и со Путин во првите години на власт.