Бејл “непожелен” помеѓу фановите на Реал – на повидок негов кам бек на Островот ?!

Во Реал Мадрид порази и елиминации не се дозволени и навивачите на тоа реагираат навистина жестоко. Синоќа “кралскиот клуб” беше елиминиран од Јувентус во полуфиналето на Лигата на шампионите, а Герет Бејл беше човекот што не успеа да реализира неколку одлични шанси.

Секако тоа ги “збесна” фановите на клубот, па по завршувањето на средбата тие со погрдни зборови го пречекаа на излезот од стадионот “Сантијаго Бернабеу”.

Токму поради ова наголемо се говори за негово враќање во Премиерлигата, каде интерес пројавуваат Челзи и Манчестер Јунајтед.

Новинарот на Daily Express, Џон Ричардсон пренесува дека трансферот на Велшанецот на Олд Трафорд е речиси договорен.

Тој вчера беше гостин во емисија на ТВ каналот на Манчестер Јунајтед и истакна дека извор близок до играчот му потврдил дека зделката е на чекор до комплетирање.

“Искрено, можам да кажам дека трансферот е речиси договорен. Познавам личност многу блиска до Герет Бејл кој ми потврди за ова, а воедно ми кажа и дека јавноста не ги слуша реалните работи. Тој не е среќен таму, и не е задоволен од третманот што го добива” – заврши Ричардсон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.