Бејли: Избор на собраниски спикер и брзо формирање влада

Амбасадорот Бејли во изјава за медиумите по одбележувањето на Денот на НАТО во Скопје, рече и дека очекуваат партиите да ги исполнат сите елементи од договорот од Пржино.

Имаше избори во декември, за кои се оцени дека се кредибилни. Пратениците седнаа во Собранието, беше декларирано собраниско мнозинство и мислиме дека не е во согласност со демократските принципи и со Уставот да не се дозволи да продолжи процесот на формирање на владата. Секако, на крајот на краиштата, од политичките лидери и од граѓаните на Македонија ќе зависи како ќе одат напред, но ова е клучно за македонската интеграција во НАТО и во Европската Унија, како што кажа вчера претседателот на Европскиот совет, изјави Бејли.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека не може да шпекулира за следните чекори доколку не се формира влада набргу.

На крајот на краиштата, зависи од вашите институции и од вашите лидери и од вашиот народ да дојдат до разрешница. Ние го помагавме дијалогот во договорите во Пржино, но на крајот на краиштата вашите институции се местото каде што ова треба да се разреши. Имате Собрание и таму може да се дискутира за сите прашање. Но, важно е да одиме напред со формирање на владата. Ако не одиме напред, тоа ќе значи одложувања на одлуки, можеби нереализирање на проекти, и на крајот граѓаните ќе мора да одлучат дали сакаат нивното Собрание и политички лидери така да постапуваат, рече Бејли.

Запрашан да ја коментира изјавата на албанскиот премиер Еди Рама и други албански официјални лица, американскиот амбасадор истакна дека САД остануваат на ставот од пред неколку недели соседите да бидат воздржани.

Како што реков пред неколку недели, ги повикуваме соседите од регионот да бидат воздржани и да и дозволат на Македонија да оди напред со овој процес. Јасно е дека ова е чувствително прашање. САД го користи името Република Македонија и го признавме македонскиот идентитет, рече Бејли.

Одговарајќи на прашање дали ставот кон претседателот Ѓорге Иванов за недавање на мандатот на лидерот на СДСМ е омекнат, со оглед на тоа што порано имало подиректни пораки, амбасадорот Бејли вели дека стојат зад нивни сите изјави кажани претходно. – Го повикуваме претседателот да го придвижи процесот. Исто така, важно е Собранието да дозволи процесот да се придвижи напред, а јасно е дека тука прв чекор треба да биде избор на спикер на Собранието од новиот состав, рече американскиот амбасадор Бејли.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.