Бејли: Изборите ќе бидат важен чекор за решавање на политичката криза

Меѓународната заедница е горда што успеа да им помогне на лидерите да се договорат на 11 декември да се одржат предвремените парламентарни избори. Веруваме дека тоа ќе биде важен чекор за решавање на политичката криза во земјата, порача американскиот амбасадор Џес Бејли по потпишувањето на договорот.

Ќе направиме се што можеме во неделите и месеците кои што следат да се осигураме дека ќе има кредибилни избори кои ќе ги исполнуваат условите и кои ќе им овозможат на граѓаните без заплашување слободно да гласаат. Она што е најважно е тоа што партиите, медиумите, граѓаните ќе направат. Тоа се оние одлуки коишто на крајот ќе ја доведат земјата до кредибилни избори и ќе овозможат државата да оди напред во реформи коишто ќе доведат до евроатлантски интеграции. Тоа ќе биде критичната точка која што ќе се случи. Медиумите ќе имаат важна улога во тоа, истакна Бејли.

Прашан што ќе се случи ако партиите го прекршат договорот, Бејли рече дека партиите се договориле и оти тие ќе одлучат дали ќе има или не избори.

Бидете сигурни дека изборите ќе се одржат на 11 декември, бидејќи партиите се договорија. Четирите лидери на партиите се договорија, условите се тука, така што сега не гледам проблем. Значи изборите ќе се одржат, рече Бејли.

На прашањето дали ЕУ и САД гласно ќе укажат, доколку биде прекршен договорот која е партијата што го направила тоа, американскиот амбасадор рече дека секогаш проценуваат како ќе се одвиваат изборите.

Во секој изборен процес во оваа земја, меѓународната заедница и нашите институции секогаш велиме дека ќе ги проценуваме изборите како ќе се одвиваат. Но, на крајот на денот она што е најважно е што мислат граѓаните. Дали тие им веруваат на изборите, дали ќе доведат до фер резултат, дали се исполнети критериумите во коишто граѓаните веруваат. Тоа е најважно за граѓаните на оваа земја, порача Бејли.

Лукаш Мелка од Делегацијата на ЕУ во Македонија рече дека одлуката за одржување избори на 11 декември покажува оти има политичка волја за да се придвижи земјата напред.

Сега останува на партиите да осигураат дека граѓаните ќе имаат слободен избор во кредибилни избори и секако дека сите наводи за било какви неправилности во текот на изборниот процес ќе бидат соодветно третирани од релевантните институции и од самите партии, рече Мелка.

Медиуми, додаде, имаат многу важна улога да обезбедат баласирано и фер известување за граѓаните да бидат најдобро информирани за нивниот сопствен избор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.