Бејли: Престои уште многу работа, а малку време

Претстои уште многу важна работа да се заврши, а малку време за да се постигне тоа. Ова го изјави американскиот амбасадор Џес Бејли во однос на обврските кои треба да се спроведат согласно роковите од договорот од Пржино.

Јанева веќе даде изјава и кажа дека ќе започне да ја врши нејзината важна работа и ќе продолжи да се залага за обезбедување на потребниот персонал и ресурси коишто и се потребни. Ќе напоменам дека 108 пратеници на Парламентот, четирите политички партии и Советот на обвинители ја избраа едногласно поради нејзиниот професионализам и правичност и мислам дека тие би сакале да и ги дадат средствата коишто таа смета дека и се неопходни за да ја спроведе нејзината важна работа, рече Бејли на новинарско прашање по пуштањето во употреба на нов објект за Средното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Според него, многу е важно да се спроведе веродостоен независен судски процес за прашањата кои произлегоа од прислушуваните материјали.

Ова е многу важно за да и помогне на Македонија за да излезе од ситуацијата во која се наоѓа во моментов. Се надевам дека останатите процеси ќе продолжат. Претстои уште многу важна работа да се заврши, а не многу време за да се постигне тоа, рече амбасадорот Бејли.