Бејли: За Македонија е многу важно да има транспарентен и независен судски систем

Предизвиците со кои се соочува Македонија укажуваат на фактот дека е многу важно да имате непристрасен, транспарентен, независен судски систем. Тоа е нешто што го посакуваат вашите граѓани, како и граѓаните на секоја земја, изјави денеска во Скопје америкaнскиот амбасадор Џес Бејли.

– Прашањето за довербата на македонското општество во правосудството е прашање за македонските граѓани. Овде сме да им помогнеме да ја поттикнеме таа доверба. Нема да судам дали системот е подготвен да суди за овој или оној случај. Предизвиците со кои се соочува Македонија укажуваат на фактот дека е многу важно да имате непристрасен, транспарентен, независен судски систем. Тоа е нешто што вашите граѓани го посакуваат и што го посакуваат граѓаните на секоја земја, рече Бејли запрашан дали македоннкото правосудство има капацитет да решава случаи како „Пуч“.

Тој, во изјавата по обраќањето пред учесниците на обуката за примена на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, потенцира дека клучна компонента на секој правосуден систем е довербата која ја ужива кај граѓаните. Според резултатите од анкетата од минатиот септември, додава, довербата на граѓаните во македонското судство е ниска, со оглед дека две третини од нив изјавиле дека немаат доверба во судството.

– Денешниот семинар се однесува токму на еден од елементите кои се важни за градење на довербата во правосудството преку обезбедување насоки за изрекување на казните. Тие ќе овозможат да се осигури дека за слични криминални дела направени под слични криминални факти и околности ќе бидат изрекувани слични казни. Тоа досега не беше случај во Македонија, а во одреден степен ниту во САД. Но, ние развивме систем на насоки за изрекување казни кои за судиите обезбедуваат рамка при нивното изрекување во индивидуални случаи со комбинирање на неколку фактори. Сепак, најважната придобивка од овие насоки-водилки е зголемување на транспарентноста, правичноста и предвидливоста што се заедно води кон зголемување на довербата на граѓаните во нивното правосудство. Затоа ова е многу важен чекор и иако можеби наизглед е техничко прашање, воопшто не е. Тоа е многу важна работа за да се обезбеди основниот елемент кој е потребен во секоја демократија, порача амбасадорот Бејли.

Министерот за правда Аднан Јашари во своето обраќање истакна дека Владата и Министерството посветуваат големо внимание на севкупниот рефомски процес на кривично-правниот систем чија цел е модернизација на кривичното правосудство и негова компатибилност со европското правосудство. Во тој контекст рече е и донесувањето на новиот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната, на кој му претходеа бројни анализи кои покажаа дека казнената политика на судовите во изрекувањето на казните е невоедначена и се карактеризира со изрекување на преблаги казни, најчесто под минимумот одреден со Казнениот закон.