Бекенбауер: Швајни погреши со трансферот во Јунајтед

Почесниот претседател на Баерн Минхен, Франц Бекенбауер не е среќен поради одлуката на Бастиан Швајнштајгер да го напушти шампионот во Бундеслигата за Манчестер Јунајтед.

Викендов двата клуба соопштија дека германскиот интернационалец ќе ја продолжи својата кариера во Премиер лигата, а официјализацијата на трансферот се очекува во следните 24 часа.

Бекенбауер не е убеден дека Швајнштајгер ја направил правилната одлука, бидејќи според него, покоректно ќе беше доколку 30-годишниот фудбалер направеше трансфер во МЛС лигата.

„Според мене, за ваков потег на негови години треба огромна храброст. Луѓето во Баерн го познаваат Швајнштајгер и знаат што се може да направи, но тоа не е случај и во Англија. Ќе треба да се докажува повторно, да стартува од нула. Токму поради оваа причина мислам дека трансфер во МЛС лигата ќе беше правилниот избор за него“, изјави легендата на баварскиот клуб.

Сепак, Бекенбауер му посака се’ најдобро и му подели неколку совети.

„Му посакувам се’ најдобро и се надевам дека ќе успее да го презентира германскиот фудбал во Англија на едно завидно ниво. Малкумина германски фудбалери успеале во тоа. Басти е 30-годишен во моментов, па затоа ќе треба да се погрижи да биде целосно психо-физички подготвен и да ги наполни батериите до максимум. Исто така, да намали со гледањето тениски мечеви“, алудираше Бекенбауер на неговата љубовна врска со српската тенисерка Ана Ивановиќ.

Швајнштајгер има одиграно преку 300 мечеви за Баерн Минхен, откако дебитираше за првиот тим во сезоната 2002/03.