Беким Незири ја презеде функцијата министер за економија

Новоизбраниот министер за економија Беким Незири, денеска и официјално ја превзеде функцијата од досегашниот министер Ваљон Сараќини.

„Од оваа гледна точка, навистина можам да кажам дека сум повеќе од задоволен од постигнатото, особено ако се земе предвид дека македонската економија во изминатите три години беше соочена со големи предизвици, поради кризата во Еврозоната, посебно имајќи предвид дека нашата земја е зависна од движењето на европските пазари, бидејќи околу 70 отсто од извозот е насочен кон земјите во ЕУ. Министерството за економоија, но генерално Владата на Република Македонија преку своите политики, мерки и активности успеа да ги амортизира негативните ефекти од економската криза, но истовремено донесе дополнителни мерки кои што беа насочени како поддршка директно кон малите и средните претпријатија“, потенцира Сараќини.

Како посебно значајно Сараќини ја спомена зоната ТИРЗ Тетово, за која беше силно посветен во претходниот период, како зона неопходна за рамномерен економски развој. Во периодот од 01.01.2013 година до денес склучени се договори за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини на 100-тина локалитети, што е од особено значење за локалниот и регионалниот економски развој.

Покрај ова, Сараќини потенцира дека Министерството за економија во претходниот период успешно спроведе конкретни мерки и активности за подобрување на енергетската ефикасност во јавни згради во различни општини. Имено, реконструирани се згради на 42 училишта и градинки во 12 различни општини, потпишани се вкупно 66 Договори за концесија со вкупно 23 концесионери, домашни и странски. Во моментот целосно изградени се над 20 мали хидроелектрични централи додека во изградба се уште 15-тина мали хидроелектрични централи“, информира Сараќини.
Министерот Незири, му посака успешна кариера на досегашниот министер Сараќини, додавајќи дека ќе продолжи со реализација на веќе започнатите проекти во Министерството за економија.

„Знаејќи дека во програмата на Владaта и програмата на партијата која ја претставувам , главните стратешки приоритети се економијата и евроинтеграциите, за мене како министер претставува огромна чест, и уште поголем предизвик да се посветам на нивна реализиација.Информирам и се обврзувам дека од денеска со мојот капацитет ќе се залагам за раст и развој на економијата , за привлекување на странски инвестиции, зголемување на увозот и извозот, ќе се потрудам да ја подобрам економската бизнис климата во државата,“ истакна Незири.

Беким Незири, на функцијата Министер за економија доаѓа од ПИОМ, каде беше директор последниве 3 години.