Магазин

Бела ноќ ќе се случува по десетти пат

Бела ноќ ќе се случува по десетти пат

Денеска, на конференцијата за медиуми што се одржа во Младинскиот културен центар-Скопје, беше објавена програмата за годинешното јубилејно 10-то издание на културната манифестација „Бела ноќ“, што ќе се одржи на 4-ти октомври 2014 година. Покровител на Манифестацијата е Градот Скопје, што за реализација на Бела ноќ годинава издвои 3,5 милиони денари од Буџетот, а технички и програмски организатор е МКЦ.

-Сакам да го изразам моето нескриено задоволство, што изминативе девет години, оваа Манифестација којашто се роди скромно, прерасна во Бела ноќ посетена од стотици различни уметнички љубители. Сакам да им честитам и на организаторите за успешноста на овој 24 часовен настан и да ги повикам сите граѓани на Скопје и сите оние од другите градови на нашава држава да присуствуваат на настаните што се дел од програмата на Бела ноќ и да си најдат место и уметност по свој вкус, токму вечерта на 4-ти наспрема 5-ти, зашто сметам дека и ова ќе биде едно успешно издание на оваа Манифестација, којашто сигурно го смести Скопје, на мапата на европски градови во кои успешно се реализираат вакви уметнички деноноќија, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Годинава на „Бела ноќ“ ќе бидат опфатени следниве области: Визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип, кибернетичка уметност), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб дизајн, мода, дигитални креации), музика, филм и јавна уметност и урбани точки. За таа цел беше распишан повик за учество во 10-та јубилејна БЕЛА НОЌ, којшто заврши на 1 јули годинава, а селекцијата на уметниците беше направена од организаторите. Уметниците беа избрани според приложените дела. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт, беа главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Притоа дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои било инструменти или техники.

-Како и секоја година, така и оваа Бела ноќ ќе се случува на многу локации низ градот меѓу нив: Плоштад Пела – Порта Македонија, каде што ќе се случи, можам слободно да кажам, еден од поатрактивните настани- концертот на словенечката група Perpetum Jazzile , па потоа Градски парк – Школка; Плоштад Филип втори; Градска Плажа – Клуб Кастро; Сцена Спомен Куќа на Мајка Тереза; Плато МКЦ; Плато пред Чифте Амам; Улица Македонија; плато Дом на АРМ; Галерија 8; Градска библиотека Браќа Миладиновци, како и сите јавни установи на Град Скопје, но и многу национални културни институции во градов. И годинава во Градското кино Милениум ќе се одржува 24 часовниот филмски маратон на најпознатите и најактуелни хитови од седмата уметност. Годинава сосема намерно решивме оваа ноќ да постојат 10 музички сцени кои ќе опфаќаат рок, џез, хип-хоп, хеви метал музика, а уметниците ќе потекнуваат од сите страни на светот: Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и скоро од сите земји на Балканот, рече Златко Стевковски, директор на МКЦ-Скопје.

„Бела ноќ“ 2014-та, официјално ќе биде отворена на 4-ти октомври (сабота), во 20 часот, во Националната галерија Даут Пашин Амам, каде што ќе биде организирана изложба насловена како „ЕДЕН ВЕК (РЕТРОСПЕКТИВА)“ од раѓањето на Василие Поповиќ – Цицо, основоположникот на македонската сценографија, карикатурист и сликар.

Музејот на современата уметност; Зоолошката градина-Скопје; Галерија Арте; Музеј на град Скопје; Дом на културата Кочо Рацин (Голем Салон); Културно информативен центар- Изложбен салон Империјал 1; Галерија Грал; Галерија 3М, се само дел од локациите каде што на 4-ти октомври ќе се случува уметност, а сите настани ќе бидат бесплатни и отворени за сите љубители на уметноста.

На денот на одржување на Бела ноќ, организиран е бесплатен транспорт со линиите 8 и 15А на ЈСП од 12:00 до 16:00 часот, како и бесплатен транспорт со автобусите на ЈСП од 19:00 часот, на сите линии кон центарот на Скопје.