Белата куќа ја потврди средбата меѓу Трамп и Путин на самитот на Г20

Американскиот претседател Доналд Трамп очекува да се сретне со рускиот колега по должност Владимир Путин во Хамбург на маргините од самитот на Г-20 кој на 7 и 8 јули ќе се одржи во германски Хамбург, објави во четвртокот помошникот на американскиот челник за национална безбедност Херберт Мекмастер на брифингот со новинарите во Белата куќа/

„Средба ќе има“, изјавил Херберт Мекмастер, помошникот на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност.

Претходно седмицава беше објавено дека Трамп инсистира на средба со рускиот колега Владимир Путин во согласност со сите дипломатски формалности, според Associated Press, кој се повика на неименувани американски функционери.

Во извештајот на агенцијата се истакнуваше дека во американската администрација постои длабока поделба во тоа каков пристап да се зазема кон Русија во Вашингтон додека се разгорува истрагата во САД за наводните врски со Москва со кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Повеќе претставници од опкружувањето на претседателот сметаат дека Вашингтон сега треба да ја задржи дистанцата и комуникацијата со Русија да ја остварува со голема претпазливост. Истовремено, Трамп и неколку високо рангирани членови од неговата администрација инсистираат на официјална билатерална средба со Путин. Особено, и покрај повиците од Стејт департментот и Советот за национална безбедност, американскиот претседател се залагал за пристап на медиумите и исполнувањето на сите норми од протоколот, специфични за ваквите консултации.

„Конкретната агенда сѐ уште не е утврдена. Се разгледува за што нашиот претседател сака да разговора“, изјавил во четвртокот од своја страна челникот на Националниот економски совет при Белата куќа, Гери Кон, кој исто така присуствувал на брифингот со новинарите.

Одговарајќи на прашање на агенцијата ТАСС дали станува збор за средба на највисоко ниво во целосен формат или за куса средба на рускиот и американскиот челник на маргините од форумот, Кон одговорил дека САД „се фокусирани на спроведување билатерални средби“. Додал дека на форумот на „Големата дваесетка“ „сите такви средби ќе бидат краткотрајни“. Според него, форматот на претстојните контакти уште ќе биде прецизиран.

Мекмастер, исто така, истакнал дека една од целите на Трамп на самитот на Г-20 е формирање на единствен пристап на земјите од „дваесетката“ кон соработка со Москва.

„Неопходно е да се воспостави заеднички пристап (во комуникациите) со Русија ..неопходно е да се востанови поконструктивен однос со Русија. Сепак, ние јасно ставивме до знаење дека ќе преземаме мерки за спречување на дестабилизирачкото однесување на Русија“, рекол Мекмастер.

Претходно во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема никаков напредок во планот за подготовка на посебна средба на Путин и Трамп на маргините од самитот во Хамбург.