Белата куќа негира дека Трамп на Лавров му открил доверливи информации

Во Вашингтон избувна уште еден скандал откако неименувани извори за весникот The Washington Post рекле дека претседателот Доналд Трамп при неодамнешната посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на американската престолнина му открил доверливи информации од врвно ниво, што Белата куќа го негираше, но демократите и медиумите веднаш се нафрлија со критики за Трамп.

Според анонимните извори на The Washington Post од редот на поранешни и сегашни претставници на администрацијата, претседателот Доналд Трамп во текот на средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров минатата седмица во Овалната соба во Белата куќа споделил врвни разузнавачки информации за планирани операции на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава. Тие информации наводно ги обезбедил неименуван партнер на САД кој не му дал дозвола на Вашингтон да ги сподели со Москва, според изворите на весникот. Содржината на овие информации не е објавена во написот.

Иако Трамп не го прекршил законот, претседателот имено располага со голем маневарски простор околу споделувањето на информациите со коишто располга, неговата постапка може да ја доведе во опасноста за споделувањето информации со блиските сојузници. Ширењето на тие чувствителни информации би можело да го открие начинот на кој е дојдено до нив и да ги доведе во опасност изворите, забележуваат критичарите.

„Сторијата, онака како што е напишана, не е вистинита“, изјави генералот Х.Р Мекмастер, член на Советот за национална безбедност (NSC) кој присуствувал на состанокот.

Според генералот, Трамп и Лавров разгледувале „заканите од терористичките организации за нашите две земји, вклучително и заканите за цивилната авијација“. „Ниту во еден момент методите на разузнавање или изворите не се споменати“, тврди Мекмастер, а што агенцијата AFP го оценува како „не-директно“ негирање дека американскиот претседател пренел доверливи информации.

„Статијата е лажна. Претседателот разговараше само за заедничките закани со кои се соочуваат двете земји“, на истата линија изјави за американските медиуми првиот заменик на претседателот за национална безбедност Дина Пауел.

„Во текот на размената на мислењата се разгледуваа конкретни закани, но не се разговараше за изворите, методите и воените операции“, прецизираше државниот секретар Рекс Тилерсон, кој исто така преисуствуваше на средбата, цитиран од CNN.

Грег Милер, со Грег Џеф, еден од новинарите на The Washington Post на телевизијата CNN ја бранеше веродостојноста на својот напис, оценувајќи дека Белата куќа „игра со зборови“ и го заобиколува она важното.

Подоцна агенцијата Reuters потврди дека анонимни извори од администрацијата ја ширеле информацијата објавена во The Washington Post.

Според написот, по средбата на Трамп со Лавров, официјални лица на Белата куќа наводно се јавувале во Централната разузнавачка агенција (CIA) и Агенцијата за национална безбеднсот (NSA), за наводно да ја намалат штетата.