Белата куќа: Трамп и Ердоган разговараа за прашањата кои ги загрижуваат и двете страни

Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал во четвртокот со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за важноста на силните билатерални односи, објави Белата куќа, во периодот на тензии поради турските воени акции во северна Сирија против тамошните Курди кои се сојузници на САД.

„Двајцата челници ветија дека ќе продолжат со напорите за јакнење на соработката во поглед на заедничките стратешки предизвици и дека ќе работат на она што ги загрижува и двете страни, а што влијае врз билатералните односи“, се наведува во соопштението на Вашингтон.

Белата куќа во соопштението директно не ја споменува Сирија, каде што турската воена операција во области каде се стационирани американски војски се заканува од избувнување судир меѓу двата значајни сојузници во НАТО.

Портпаролот на турскиот челник во Анкара изјави дека двајцата претседатели се согласиле да ги разрешат чувствителните прашања кои ги нарушиле односите меѓу Турција и САД.

Турските сили и нејзините сириски бунтовнички сојузници го заземаа во неделата целиот Африн, кој стана курдско упориште откако од таму беше потисната џихадистичката Исламска држава, на северозападот од Сирија, каде што Анкара пред речиси два месеца ја започна операцијата „Маслиново гранче“.

Африн беше главната цел на воената кампања којашто ја започна Турција на 20-ти јануари против курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), групација којашто Анкара ја смета за терористичка групација и сириско крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), којашто, пак, е важен сојузник на Вашингтон во Сирија, како што тврди во борбата против Исламската држава, но турската страна вели дека џихадистичката групација е веќе разбиена.

САД во понеделникот соопштија дека се „длабоко загрижени“ со развојот на ситуацијата во Африн, од каде што поголемиот дел од населението по турската офанзива побегнало.

Сириските Курди ја обвинија Турција дека во Африн спроведува „етничко чистење“ и дека се однесува како Исламската држава, додека Ердоган порача дека нема намера да запре и дека ќе ги нападне и другите региони под контрола на Курдите. Се закани дека Турција ќе започне офанзива и против Курдите на северот од Ирак, доколку Багдад „не ги исчисти“.