Белата куќа: Трамп и натаму сака враќање на американските сили од Сирија што поскоро

Американскиот претседател Доналд Трамп и натаму сака американските сили да се вратат во татковината од Сирија што е поскоро можно, објави во неделата вечерта Белата куќа, откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека го убедил американскиот колега да го задржи силите во блискоисточната земја што подолго.

„Американската мисија не се променила, претседателот беше јавен дека сака американските сили да се вратат што е поскоро можно“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс во писмена изјава.

„Решителни сме целосно да ја поразиме Исламска држава и да се создадат услови коишто ќе спречат нејзиното враќање. Покрај тоа, очекувам од нашите регионални сојузници и партнери да преземат поголема одговорност и воени и финансиски за регионот да стане посигурен“, вели Сандерс.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно во неделата вечерта во интервјуто за две француски телевизии и портал, изјави дека го убедил американскиот претседател да ги задржи силите на САД во Сирија.

Во телефонскиот разговор во пресрет на заедничкиот американски, француски и британски напад врз Сирија во саботата утрото, Макрон, како што тврдеше, ги убедил да не се повлекува од Сирија. „Го убедивме дека е потребно таму да останат“, рече.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.