Белата куќа ја преразгледува стратегијата за борба против ИД

Белата куќа ќе разгледува нови начини на кои коалицијата од западните земји, може да и помогне на ирачката армија да ја победи терористичката групација Исламска држава, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, пренесе МИА.

– Претседателот донесе указ со кој неговиот тим има задача да ја анализира досегашната стратегија, да измени и да оптимизира некои нејзини делови врз основа на досегашните искуства. Треба да се искористат најдобрите искуства и да бидеме умерени во тоа, да сториме се што е можно за напредок во борбата против ИД, рече Ернест.

Ернест додаде дека и натаму дел од американската стратегија се помошта, снабдувањето и консултациите на ирачките вооружени сили.

Официјалниот претставник на Стејт департментот Џон Кирби претходно вчера изјави дека за конечна победа на ИД во Ирак и за нејзино протерување од ирачката територија можеби се потребни најмалку пет години.

Ернест не даде конкретни рокови, но нагласи дека „тоа ќе биде долг процес“.