Белешката на Ајнштајн за тајната на среќниот живот продадена за 1,3 милиoни долари

Белешката на славниот научник Алберт Ајншајтн за тајната на среќниот живот беше продадена во вторникот на наддавање во Ерусалим за 1,3 милиони американски долари, објави аукциската куќа Winner’s.

На аукцијата биле понудени две белешки коишто Алберт Ајнштајн му ги предал на доставувач во Токио, од кои една е за тајната на среќниот живот, и коишто се појавиле 95 години подоцна.

Славниот физичар, авторот на теоријата за релативноста, во 1922 година бил на турнеја во Јапонија, каде што одржувал предавања. Во тоа време дознал дека ќе биде предложен за Нобеловата награда за физика и неговата слава се проширила и надвор од научните кругови.

Во хотелот „Империјал“ во Токио, еден доставувач му донел пратка. Не е познато дали доставувачот добил бакшиш, во согласност со локалниот обичај или Ајнштајн при себе немал ситни пари, но очигледно не сакал да го остави со празни раце, па му дал две белешки на германски јазик.

„Можеби, доколку имаш среќа, овие белешки ќе бидат многу повредни од напојницата“, му рекол Ајнштајн, според тврдењето на продавачот на белешките.

На една од белешките, напишана на лист хартија со логото на „Imperial Hotel“ пишува „мирен и скромен живот донесува повеќе радости отколку немирната трка по успехот“. На другата белешка, пак, на бела хартија, се наоѓа поговорката којашто му се припишува на водачот на советската Октомвриска револуција Владимир Илич Ленин: „Каде што има волја, има и начин“.

Аукциската куќа Winner’s ја потврди автентичноста на белешките. „Тие немаат научна вредност, но би можеле да помогнат во одредувањето на личните размислувања на Ајнштајн,, чиешто име стана синоним за генијалноста“, оценува Рини Грож, задолжен за најголемата колекција архивски материјал на овој физичар на Еврејскиот универзитет во Ерусалим.

Освен белешките, на аукцијата во вторникот беа понудени и други предмети, меѓу кои и писмата коишто Ајнштајн ги пишувал пред крајот на својот живот.