Белгија е следниот противник на Аргентина

Репрезентацијата на Белгија е последната која обезбеди пласман во следната, 1/4 финална рунда на Мундијалот во Бразил откако забележа минимална победа од 2:1 во осминафиналната пресметка против селекцијата на САД.

И покрај големата иницијатива на белгиските фудбалери, дуелот во Салвадор заврши без погодоци во регуларните 90 минути.

Белгија дојде до заслуженото водство на стартот од првото продолжение со погодокот на Кевин де Бруин, а во 105 минута, мрежата на САД ја затресе и резервниот напаѓач, Ромелу Лукаку.

На самиот старт од второто продолжение, САД намали на 2:1 со погодокот на Џулијан Грин, но избраниците на Јирген Клинсман немаа сила за постигнат уште еден погодок и да се изборат за пенал-рулет.

За противник во следната елиминациска рунда, избраниците на Марк Вилмотс, го добија големиот фаворит за светската титула, репрезентацијата на Аргентина, а тој натпревар ќе биде одигран на 5 јули во Бразилија со почеток во 18:00 часот.

“Сега е време за големо славје. Овој успех ќе го слави цела Белгија, ова е историски резултат. Доминиравме во поголемиот дел од натпреварот, создадовме можеби 15 чисти шанси. Ако бевме посконцентрирани во финишот од акциите, тогаш ќе победевме и во регуларните 90 минути. Заслужена победа на Белгија иако без причина со го искомплициравме пласманот во второто продолжение. Моите фудбалери дадоа се од себе и јас сум горд на нивната игра”, изјави по натпреварот селекторот на Белгија, Марк Вилмотс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.