Белгија најголем извор на борци од Европа во Сирија по глава на жител

Најмногу Французи, Германци и Британци има меѓу странските борци од европски држави во редовите на сириските бунтовници, но од Белгија има најмногу како процент од населението, се вели во холандска анализа на Меѓународниот центар за борба со тероризам, пренесува МИА.

Вкупно 4.294 жители на Европа заминале да војуваат во Сирија. Од нив 30 отсто се вратиле, а за 14 отсто е потврдено дека се загинати. Околу 17 отсто се жени, а 23 отсто прифатиле ислам.

Повеќето се од градски реони или од околина на големи градови на континентот.

– Многу терористички организации имаат за цел да ги поткопаат толерантните и плуралистички општества засновани на владеење на правото, се вели во анализата.

Податоците покажуваат дека од Белгија заминал 41 човек на еден милион жители што е највисок „извор“ на борци по глава на население. Само 18 отсто од нив се вратиле додека таа цифра кај лица од Данска е – 50 отсто.

Како „извор“ на борци следуваат Австрија и Шведска. Од Франција заминале над 900 луѓе да војуваат на страната на ИД. Од Германија и Велика Британија исто така заминале голем број луѓе да се борат на страната на ИД.