Белгија: Почна судскиот случај против регрутирање млади за џихад во Сирија

Денес во Белгија започна судењето на 46 обвинети припадници на исламистичката група „Шеријат за Белгија“ за припадност кон терористичка организација и за регрутирање млади за џихад во Сирија.

Со ова што е отворен најголемиот случај против исламистичкиот екстремизам во оваа земја.

Сите обвинети се белгиски државјани од арапско или турско потекло.

Во судницата биле присутни само 8 обвинети, додека останатите се наоѓале во Сирија.

Како што пренесуваат странските медиуми, обвинителите навеле дека групата ја предводел 32-годишниот Фуад Белкацем портпарол на „Шеријатот за Белгија“, штотуку распуштената организација на салафистите. Тој воедно бил главниот човек кој стоел зад организацијата.

-Зборовите на Белкацем можат само да се толкуваат како повик на насилство и џихад, изјавила обвинителката Ен Франсен и додала дека како доказ имаат долга листа говори и видео снимки во кои обвинетиот ги изнесувал своите ставови за џзихадот.

Обвинителите детално опишуваат како припадниците на групата им приоѓале на младинци и на неколкумина тинејџери на улиците на Антверпен и Вилвурд за да ги повикаат во нивниот центар во Антверпен, каде биле индоктринирани и подготвувани за патувања во Сирија, со „јасна цел да ги подготват за вооружена борба“.

Во Сирија овие „регрути“ им се приклучувале на организациите како Џабхат ал Нусра и сличните организации инспирирани од Ал Каеда, кои подоцна се претворија во „Исламска држава“, наведоа белгиските обвинители во случајот.

Денешното судење во Антверпен следи откако пред четири месеци вооружен напаѓач уби четири лица во престрелка во Еврејскиот музеј во Брисел, случај во кој белгиските власти наведоа дека осомничениот Французин Мехди Немучи најголемиот дел од 2013 година го минал во борбите во Сирија.