Белгија почна со деблокирање на руските државни сметки

Белгија почна со деблокирање на руските државни сметки

Белгискиот министер за надворешни работи Дидиер Рејндерс вели дека неговата земја почнала со деблокирање на банкарските сметки на руската амбасада кои беа замрзнати поради барањето на акционерите од поранешната нафтена компанија Јукос.

Зборувајќи во Кина денеска Рејндерс потврди дека руските дипломатски сметки во Белгија во ИНГ банката се деблокирани. Рејндерс рече дека се надева оти ситуацијата ќе биде слична и во другите банки во следните денови од почетокот на неделата. Пред два дена Москва се закани дека ќе преземе мерки против странските фирми кои се поврзуваат со Белгија, а работат во Русија.

Претседателот Владимир Путин рече дека тие ќе ги бранат своите интереси. Претставници на поранешните акционери во Јукос соопштија дека руските сметки се блокирани и во Франција. Поранешните акционери се обидуваат да добијат 50 милијарди долари кои лани во нивна корист ги досуди постојаниот суд за арбитража во Хаг. Путин рече дека Русија не ја признава јурисдикцијата на тој суд.