Белгија за нијанса подобра од Русија

Иако повторно одиграа под очекуваното ниво, репрезентативците на Белгија забележаа минимален триумф во дуелот против големиот ривал од групата “Х”, селекцијата на Русија и после два одиграни натпревари, избраниците на Марк Вилмотс обезбедија пласман во 1/8 финалната рунда.Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во самиот финиш од натпреварот беше дело на резервниот напаѓач, Дивок Ориги.

„Искрено, јас сум многу задоволен од играта на моите фудбалери. Точно дека ова е незаслужен пораз, но единствената вистина е таа дека Белгија ги освои сите три бода. Не искористивме ниту една шанса. Бевме сведоци на еден одличен натпревар, двете репрезентации дадоа се од себе, играа на победа. За жал, Белгија имаше повеќе среќа. Го немавме последното, најважното додавање. Доминиравме во второто полувреме, но Белгија имаше повеќе среќа во финишот од натпреварот”, изјави предводникот на “зборнаја”, Фабио Капело. Русија ќе обезбеди пласман во 1/8 финалната рунда доколку во последниот натпревар од групната фаза забележи триумф во дуелот против директниот ривал за втората позиција, репрезентацијата на Алжир.