Белгиска полиција: Исламисти сакаа да ја кренат Европската комисија во воздух

Заплашување на институциите на Европската унија во Брисел со гаранција за рана превенција и нивна безбедност или реална закана од терористички напад? Ова е прашањето кое изминатите три дена постојано се поставува во Брисел, по наводното откривање од страна на белгиската полиција на исламистичка терористичка група што наводно сакала да ја крене во воздух зградата на Европската комисија, пишува МИА.

Имено, денеска, белгиското МВР објави дека во операција за спречување на терористички напади во Кралството, пронашле експлозиви што биле „подготвени за употреба“. Тоа, пак, следи по завчерашната информација дека во домот на двојка со холандско државјанство од турско потекло, а кои се уапсени уште минатиот месец, наводно било пронајдено огнено оружје и заштитни елеци и дека тие планирале напад на седиштето на неформалната Влада на Унијата. Сепак, портпаролот на Еврокомисијата, Џонатан Тод, денеска објави дека Комисијата не добила никакви информации за специфични закани по своето седиште.

И покрај ова, белгиската полиција информираше дека ова всушност бил еден од повеќето спречени планови за терористички напади на наводни џиахидсти, поддржувачи на Исламската држава на Сирија и Левант. А, единствен доказ е всушност тоа што кај осомничен Французин од алжирско потекло било пронајдено знаме на ИСИЛ.

Поради ваквите целосно спротивставени вистини во однос на тоа дали имало реална закана и реални терористи што сакале да ја разнесат зградтаа Берлемонт на неформалната Влада на ЕУ, посебно што бегиското МВР не излезе со имиња и слики од наводните терористи, повторно во Брисел започнаа шпекулации дека белгиското Кралство измислува скандали со цел да каже дека државата која добива стотици милиони евра за изнајмување на зградит ево кои се сместени ЕУ-институциите, ги оправдува парите со рана превенција и откривање на наводни терористички закани и закани по безбедноста на зградите на Унијата.