Белгиската полиција предупреди дека ИД планира напади во Белгија и Франција

Белгиската полиција доби предупредување од Антитерористичката агенција за разузнавање дека групa борци од Исламска држава планираат напади во Белгија и Франција и дека тие неодамна од Сирија допатувале во Европа, изјави денеска претставник на силите за безбедност, пренесува МИА.

Белгискиот центар за вонредна состојба, кој е одговорен за координација на безбедносните мерки, соопшти дека предупредувањето ќе го испрати до сите полициски сили ширум Белгија, но дека засега не се планира зголемување на  степенот на безбедност во земјата на максимално ниво, кое укажува на непосредна опасност од напад.

Белгискиот весник „ДХ“ цитирајќи ги наводите од предупедувањето објави дека група џихадисти ја „напуштиле Сирија пред една и пол недела, со цел преку Турција и Грција со брод да стигнат до Европа без пасоши“, при што не се наведува точниот датум кога тие тргнале кон Европа.

Весникот исто така наведува дека меѓу потенцијални цели на терористите во Белгија е еден трговски центар во Брисел, рестораните на американските синџири за брза храна и полицијата.