Белгиски трафики под закана поради продажбата на новиот број на „Шарли ебдо“

Четири трафики за весници во бриселскиот кварт Жет, како и неколку во Лиеж, добиле заканувачки писма, во кои биле предупредени да ја прекинат продажбата на новото издание на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, објави МИА.

Писмата се наоѓале во коверти и биле оставени во поштенски сандачиња или под вратите на трафиките.

„Во името на Алах, милосрдниот и милостивиот, ви порачуваме да не ги распространувате карикатурите на нашиот пророк Мухамед кои се објавени во овој весник, поради закана од одмазда врз вашата трафика“, пишува во писмата.

Обвинителството во Брисел соопшти дека овие писма ги разгледува со целосна сериозност и ќе ги употреби сите потребни средства, меѓу кои и снимки од камери и телефони, со цел да ги пронајде испраќачите, кои доколку се откријат ќе бидат исправени пред суд.