Белград: Научна конференција за руските енергетски проекти по Јужен тек

Во Белград денеска ќе се одржи научна конференција под наслов „Руски енергетски проекти на Балканот по Јужен тeк“, јави Танјуг, пренесе МИА.

Форумот е организиран од Рускиот центар за стратегиски истражувања, Фондот за историски перспективи, Новата српска политичка мисла и други организации. Тој ќе биде отворен од рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин, и директорот на Белградската бизнис школа, Ѓура Ѓуровиќ.

Еден од учесниците на конференцијата, шефот на балканскиот сектор во Рускиот центар за стратегиски истражувања, Никита Бондарев, ќе зборува за „Присуството на Русија во енергетиките на Србија и Бугарија – шанси и разлики“.

Поранешниот бугарски заменик министер за енергетика, Иван Марков, ќе зборува за „Бугарија на прагот на енергетска криза“.

Меѓу другите теми е и прашањето „Колку Србија досега ја чинеше примената на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ и перспективите на економската соработка со Русија“, по која ќе зборува и Дејан Мировиќ од Правниот факултет на универзитетот во Приштина.

На конференцијата ќе стане збор за руско-српските односи во контекст на меѓународната безбедност, како и за улогата на  Турција во балканската енергетика.