Белград: Почна Четвртиот економско-трговски форум

Четвртиот економско-трговски форум на Народна Република Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа под мотото „Нов мотор, нова сила, нова платформа“ го отвори српскиот министер за економија Жељко Сертиќ.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг во своето обраќање ги опиша економските состојби во поголем дел од светот.

– Некои економии кои настануваат се соочуваат со пад на вредноста на своите валути, додека светската економија страда од се поголеми притисоци и прашањето е дали ситуацијата ќе се влоши и ние мораме да се подготвиме за таквата можност, посочи Ли.

Тој наведе дека важни се мирот и стабилноста, но и зголемувањето на стандардот на луѓето.

– Ако сите земји ги користат своите предности, нема да дојде до пад, посочи Ли.

Кинескиот премиер наведе дека на светската економија и е потребна соработка со земји чие економии се дополнуваат, како што е случајот со Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Тој додаде дека големите европски држави имаат напредна економија, но земјите од ЦИЕ имаат голем потенцијал.

– Кина од стока за широка потрошувача се свртува кон напредната технологија како голем  пазар кој може да привлече квалитетни производи од целиот свет. Во тоа е комплементарноста меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, истакна Ли.

Пред почетокот на Форумот премиерот на Србија, Александар Вучиќ имаше билатерални средби со премиерите на Црна Гора, на Босна и Херцеговина, на Романија и на Словенија, како и со министрите за трговија и за транспорт на Кина.